Корабска трансверзала во чест на 1000-годишнината од основањето на Бигорски манастир

Познатото македонско древно светилиште Бигорскиот манастир, повторно беше место каде пристигна група планинари, кои во чест на големиот јубилеј – 1000 години од основањето на манастирот, ја поминаа Корабската трансверзала.

– Тие со тоа речиси го повторија подвигот на нивните колеги планинари: Марио Шаревски, Маја Бошковска и Војкан Недковски, што пред околу две недели го израдува нашиот старец и владика Партениј, како и нашето монашко братство и сестринство, пренесувајќи една убава порака кон македонската јавност, вели сестра Ефимија.

Еден од учесниците Зоран Тодоровски, во детали го пресликува преку зборови и фотографии овој прекрасен и возбудлив планинарски потфат:

– Идејата за една ваква трансверзала се роди минатата година и истата беше реализирана. За 2020 година решивме трансверзалата да ја опфати и планината Дешат, а како крајна точка да биде Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, а по повод големиот јубилеј – 1000 години од неговото основање, наведува Тодоровски.

Тој додава дека групата од 11 планинари, сакајќи да даде свој придонес во одбележувањето на овој голем јубилеј, решиле да тргнат на подвиг по Корабскиот масив и планината Дешат.

– Почеток на ова патешествие беше на тромеѓето меѓу Косово, Албанија и Македонија. Прва цел ни беше врвот Шерупа (2.092 мнв.), кој се наоѓа токму на тромеѓето. После два ипол часа, бевме на самиот врв, каде направивме краток одмор и продолживме понатаму кон врвот Зиберова Кула (2.377 мнв.), на кој со забрзано темпо пристигнавме за четири часа. Додека стоите на овој врв чувствувате стравопочит од глетката што е пред вас. Во тој момент Кораб ќе ви ја покаже сета своја убавина, но и суровост. Не постојат зборови со кои вистински би се опишале чувствата што ги доживувате во тие моменти Следуваше спуштање од врвот во долината, каде покрај еден извор на вода го поставивме нашиот прв камп, наведува тој.

Тодорвски посочува дека биле свесни дека вториот ден ќе биде поинтензивен и многу понапорен, зашто ги чекал долг пат, околу 20 километри, но со многу стрмнини и врвови за искачување.

Прво го искачиле Бел Врв (2.532 мнв.) со што влегле во зоната на 2.500 мнв по што стигнале на врвот Црна Чука (2.572 мнв.), од кој може да се види централниот дел на Корабскиот Масив со сите врвови во овој дел.

– Попатно го искачивме врвот Корабец потоа Кепи Бард (2.589 мнв.) стигнавме на Кобилино поле кое е под највисокиот врв во нашата земја. Продолживме кон преминот Мала Корабска Врата. Пред вас се испречуваат Корабите со сета своја импозантност, мистика и убавина од која застанува здивот во градите, Мал Кораб (2.683 мнв.) и неверојатниот Малокорабска Стена (2.732 мнв.), посочува Тодороски.

Патот продолжил кон прекрасното Изгревно езеро, Цигански Премин, како и кон еден од најубавите врвови на Корабскиот масив – врвот Дерза (Јаготка) на 2.403 мнв,кого ако внимателно го погледнете, навистина личи на јаготка.

Следната станица за нив била месноста Шкртец и изворот на вода. Шкртец е последното место на Корабскиот Масив, па така требало да се префрлат на планината Дешат.

Но, поради големото невреме го изоставиле делот од нивното патешествие на планината Дешат и се спуштиле во селото Жировница по што се упатиле кон последна точка – манастирот Свети Јован Бигорски, по изминати 43 километри.

– Пристигнавме во Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител, каде бевме срдечно и со голема љубов пречекани од монасите. Истите ни поделија пригодни подароци и ни направија мала обиколка во манастирските простории, и додека го пиевме топлото кафе, не запознаа со целата историја на манастирот. Со полни срца љубов и среќа го напуштивме Бигорски, во чија што чест го направивме овој голем подвиг, за кој сме особено многу горди, со чувство на задоволство, нагласува Тодоровски.

Со него биле и планинарите Миленка Шаровиќ, Симона Трајковска, Васко Кически, Крумислав Јововски, Бобан Китановски, Дениз Мехмед, Богољуб Петровски, Тихо Качанаклиевски, Кирчо Топуков, Саше Гацев.

Back to top button
Close