Корона дијалози: Здравствената не смее да прерасне во политичко – правна криза

Не смееме да дозволиме здраствената криза да прерасне во политичка. Покрај здравјето на граѓаните, значаен сегмент е и одржливоста на функционалноста на демократијата во земјата преку оддржување фер и демократски избори и владеењето на правото што е посебен предизвик на кој особено треба да се внимава, беше речено на онлајн дискусиите „Корона дијалози“ што четврти пат ги организира Универзитетот „Св.Климент Охридски“.

Според судијата на Врховниот суд, Мирјана Лазаревска Трајковска, пандемиската криза ги погоди и судските системи на глобално ниво и во зависност од позиционираноста сите се соочуваат со различни проблеми. Во исклучителната ситуација, владите со право приоритет дадоа на здравството и економијата, но, тие не можат да се „носат“ успешно без владеење на правото.

– Судството и праводудството треба да се гледаат во контекст на глобалната состојба, во услови кога во државата функционира техничка Влада, нема Парламент што нормално ќе ја врши законодавната улога, судовите треба да се јават како коректори, особено Уставните судови. Во однос на почитувањето на човековите права, таа истакна дека и во вонредни ситуации државите треба да постапат во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и ништо повеќе од тоа и надвор од тоа, без да се излегува од рамките на начелото на владеење на правото, истакна Лазаревска Трајковска.

Модераторот, професорот Марјан Ѓуровски, нагласи дека влеговме во нова фаза на справувањето со здравствената криза.

– Дали процесот на нормализација ќе биде успешен зависи од сите нас. Зад нас е еден чуствителен период во кој немавме претходно јасно утврдена правна процедура на вонредна состојба која треба да е јасно дефинирана во посебен закон. Покрај тоа остана дилемата колку со ограничувањето на движењето се навлезе во слободата на човековите права и слободи. Дали меѓу остатото и демократијата е жртва на пандемијата?, рече Ѓуровски.

Нестабилната политичка состојба, оцени тој, може да го загрози функционирањето на институциите.

– Во земјата социеталната идентитетска безбедност е загрозена поради несоодветното менаџирање на односите со верските заедници и религиозни групи и за жал, пандемијата потврди дека се уште сме поделено општество по верска и етничка основа. Како резултат на отпочнатиот процес на деглобализација и крутата европска реакција на пандемијата може да бидеме сведоци на повторно јавање на популизмот и национализмот во Европа и овој дел од Западниот Балкан. Поради тоа има опасност од појава на авторитарни режими во некои од земјите од Западен Балкан доколку запре процесот на европски интеграции и не се пробудат меѓународните организации. Оттука, недостасуваат прагматични реформатори и јавни политики кои ќе застанат на ширењето на популизмот и национализмот кој во земјите во транзиција може да го забави развојот кој е на удар и од економската криза која ни престои. Инаку во однос на безбедносниот систем преку ад-хок решенија се овозможи функционирање на безбедносниот систем во услови на вонредна состојба по чие завршување многу нешта треба да се менуваат, заклучи Ѓуровски.

Четвртите онлајн „Корона дијалози“ го анализираа „Влијанието на новите политички и правни предизвици од пандемијата“. Во дебатата учествуваа повеќе професори и експерти од земјата. Дијалогот се оствари низ низа аспекти, правни, политички, безбедносни, геополитички, како и низ фокусот кон вонредната состојба и влијанието на пандемијата.

Back to top button
Close