Коронавирус: Дали е сѐ уште можно постигнување колективен имунитет?

Скандинавските земји ги разлабавуваат корона-рестрикциите поради релативно висока стапка на вакцинирани. Колективен имунитет би ги штител и невакцинираните. Но, дали тој сѐ уште може да се постигне?

   

 

Пандемијата на коронавирус ќе заврши тогаш кога ќе бидат вакцинирани или оздравени доволен број луѓе. Тоа е желба уште од почетокот на пандемијата. Луѓето кои, на пример, поради хронични болести не може да се вакцинираат, или децата под 12-годишна возраст, би биле исто така заштитени кога во својата околина би имале вакцинирани луѓе кои им пружаат заштита. Но, дали постигнување колективен имунитет во случајот со Ковид-19 е сѐ уште реално?

Колективен имунитет за други болести веќе постои

Пример за колективен имунитет, односно заедничка заштита, во Европа е полиомелитисот, познат како детска парализа. Од 2002 година Европа, според СЗО, важи за подрачје каде нема полиомелитис. Сепак, според Сојузната централа за здравствена едукација, и денес е важно населението да се вакцинира против детска парализа. Оваа болест сѐ уште постои во делови на Азија и Африка. Ако „преку патници болеста стигне во Германија и наиде на главно невкацинирано население, би било можно ново ширење на облеста“.

Колективен имунитет не мора да значи дека болеста е сосема искоренета. „Тоа не значи дека тогаш никој нема да се зарази, но значи дека инфекцијата е значитено намалена и се наоѓаме на мошне умерено ниво на инфицирање“, објаснува Торстен Лер, професор по клиничка фармација на Универзитетот Сар во интервју за ДВ.

Заедничка заштита против корона е сѐ уште можна во регионални рамки

Во Германија некогаш ќе се стигне до заедничка заштита од корона, велат експертите. За тоа е неопходно да бидат вакцинирани или оздравени 85% од населението во земјата, вели за ДВ Кристине Фалк, претседателка на Германското друштво за имунологија.

„Во текот на есента и зимата ќе стигнеме до висок број заштитени лица и некогаш ќе стигнеме до колективен имунитет“, нагласува Фалк. Прашање е само колкава е цената за имунизација на населението.

Заштитени се и луѓето кои прележале Ковид-19. Луѓето кои не се вакцинираат, меѓутоа, би можеле да имаат тежок тек на болеста во случај да се заразат. Сеедно е притоа на која возраст се тие. Не смее да се потцени ниту т.н. долг Ковид, односно симптоми и проблеми со здравјето со недели по прележана инфекција со коронавирус, објаснува Лер. Значи, постигнување колективен имунитет со вакцинација е подобро, додава имунологот Фалк.

Дали стапка на вакцинација од 70% би била доволна за да се заштитат и невакцинираните ќе се види на случајот на Данска, вели Фалк. Корона-рестрикциите во таа земја се во голем дел укинати. Во Данска се вакцинирани околу 75% од луѓето (состојба 27.09). Тоа е значително повеќе од Германија, која има 64,4% вакцинирани (состојба 30.09).

Infografik Corona Impfquote nach Kontinent (04.10.21) ENПроцент на вакцинирани против Ковид-19 по континенти (2.10.2021): сино – целосно вакцинирани; сиво – делумно вакцинирани

Важен е глобалниот контекст

Во други делови од светот стапката на вакцинирани сѐ уште е многу ниска. 2,3 проценти од населението во земјите со ниски примања имаат добиено барем по една доза од вакцините (состојба 29.09). Во Демократска Република Конго, на пример, само 0,04% од населението се целосно вакцинирани против Ковид-10 (состојба 24.09). Во случај на голем број новоинфицирани во земји со мал бој вакцинирани, може да настанат нови мутации на вирусот.

Кога ќе се погледне глобално, далеку сме од постигнување стапка на вакцинација за вирусот никаде веќе да не се шири, нагласува во интервју за ДВ Дирк Брокман, истражувач од берлинскиот Универзитет Хумболт. Нови мутации од други земји би можеле да го загрозат и колективниот имунитет во Германија кога тој ќе биде постигнат, се согласува и Торстен Лер. „Во Колумбија во моментов се шири нова варијанта, а така е и во Јужноафриканската Република“, објаснува тој.

Кога се создаваат варијанти на вирусот против кои вакцините не делуваат, мора да се создаваат нови вакцини или да се менуваат постоечките. „Оттука, концептот на колективен имунитет за нас како човештво, глобално погледнато не може да се постигне“, објаснува Брокман.

Вакцините кои имаат добиено дозвола во ЕУ досега штитат од сите варијанти, па и од актуелната Делта-варијанта. „Не очекувам да има мутации против кои нашите вакцини не би можеле да постигнат ништо. Тоа би било екстремно неверојатно“, вели Фалк. Вирусот би можел и натаму да мутира, но извесна заштита постои, барем против актуелните варијанти.

извор: ДВ

Back to top button
Close