Короновирус во Владата на Србија, Вучиќ не исклучува враќање на рестриктивните мерки
Српскиот министер за одбрана Александар Вулин, претседателката на Собранието, Маја Гојковиќ и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ се позитивни на ковид-19.
Спикерката Гојковиќ има влошена клиничка слика и поради констатирано воспаление на белите дробови е пренесена во ковид болницата КБЦ „Бежаниска коса“.
Министерот за одбрана Вулин, според официјалните податоци бил тестиран и било утврдено дека е заразен, откако државниот секретар во министерството бил хоспитализиран со наод дека заболел од ковид-19.
Тој засега е со лесна клиничка слика, исто како и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ.
Се претпоставува дека бројот на членови на Владата, особено од владејачката партија Српска напредна странка (СНС) ќе се зголемува, со оглед дека без никаква заштита, без маски и физичка дистанца, сите заедно, во неделата ги чекаа резултатите од изборите и ја прославуваа победата.
Од кабинетот на претседателот Александар Вучиќ, кој истата вечер беше во директен контакт со нив, нема информации дали и тој е тестиран и каква е неговата состојба.
Оттаму само укажуваат дека доколку има каква и да било промена, јавноста ќе биде навреме известена.На коронавирус се позитивни и генералниот секретар на министерството за надворешни работи, Вељко Обрадовиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж.
Српскиот претседател Александар Вучиќ од Брисел им порача на граѓаните на Србија да бидат одговорни и дисциплинирани кога станува збор за заштита од коронавирусот,
-Доколку не бидеме подисциплинирани ќе инсистираме да се воведат мерки- рекол Вучиќ и додал дека ќе почека уште некој ден, да види дали ќе се промени однесувањето и податоците за бројот на заразени, па потоа ќе процени дали да се преземаат мерки со цел заштита на животите и здравјето на луѓето.