Кос: Србија има историска можност да се приклучи кон Европската Унија

Европската комисија останува цврсто посветена на поддршката на Србија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, но пристапувањето е повеќе од технички процес, бидејќи тоа е одлука да се прифати иднина која е вкоренета во демократијата, достоинството и споделената одговорност, што може да се направи само преку процес што го опфаќа целото општество, порача вечерва еврокомесарката за проширување Марта Кос во дебатата во Европскиот парламент за извештајот на ЕП за Србија за 2023 и 2024 година.

– За време на мојата посета на Србија минатата недела се сретнав со политички лидери, организации од граѓанското општество, студенти, академици и жени кои го обликуваат јавниот живот. На сите тие состаноци ја пренесував истата порака дека моментумот за проширување е реален и дека Србија има историска можност да се приклучи на Европската Унија, истакна Кос.

Таа посочи дека преговорите за пристапување бараат решителност и лидерство во спроведувањето на реформи за доброто на граѓаните на Србија, што во последните пет месеци го бараат и граѓаните протестирајќи на улиците.

– Затоа, Србија треба да ги засили напорите и да испорача конкретни резултати во борбата против корупцијата и да го зајакне владеењето на правото. Независноста на судството мора да биде заштитено. Медиумите мора да можат слободно да работат. Изборните реформи треба да обезбедат секој граѓанин да може да гласа со доверба во системот. Овие реформи не се само клучни за да се справат со проблемите на европскиот пат на Србија, туку се и императив за излез од сегашните политички влијанија и поделби во српското општество, додаде Кос.

Според неа, граѓанското општество во Србија мора да има простор за дејствување и да се изгради отпорност кон дезинформациите и манипулациите кои го ослабуваат општественото ткиво и ја еродираат демократската доверба.

– Заплашувањата и притисокот врз граѓанското општество не се начинот на кој работиме во Унијата и тие не смеат да се толерираат, потенцира Кос.

Таа потенцира дека пристапувањето кон ЕУ не значи само користење на придобивките, туку и обврска за почитување на заедничките вредности, вклучително и на заедничка надворешна политика, па затоа во време на војна на нашиот континент, соработката со Русија не може да продолжи како ништо да не се случува.

– Заедно со Србија сакаме да се фокусираме на заедничка иднина во обединета, посилна и побезбедна Европа. Напредокот, исто така, значи продолжување со нормализацијата на односите со Косово. Ова е од суштинско значење за регионалната стабилност и за патот на Србија кон членство во ЕУ. Конструктивното лидерство ја зајакнува довербата во регионот и отвора врати за соработка. Сакаме вистински демократска и економски просперитетна Србија во рамките на ЕУ. Тоа беше и визијата на Зоран Ѓинѓиќ, кој сонуваше за Србија вклучена во семејство на демократските модерни и развиени земји. Сметајте на нашата континуирана поддршка за тоа да стане реалност, нагласи Кос.

Според изведувачот на ЕП за Србија и автор на извештајот, хрватскиот европратеник Тонино Пицула, политичка реалност во Србија е исклучително сложена веќе подолго време, а особено во последните шест месеци, по падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, што стана „трагичен симбол за системската корупција, непотизмот и несоодветните контролни механизми што треба да ги штитат граѓаните“,

– Денеска дискутираме за состојбата во држава во која изборното законодавство има сериозни недостатоци, медиумите генерално не се слободни или достапни за сите, регулаторното тело за медиуми не функционира, судството селективно ја дели правдата, а против оние што укажуваат на проблемите се користат јавно неидентификувани нелегални средства. Граѓаните на Европската Унија се притвораат и протеруваат од земјата поради статуси на социјалните мрежи, а државите членки на ЕУ и нивните функционери се обвинуваат дека стојат зад т.н. обоена револуција, додаде Пицула.

Според него, Србија постојано одбива да се усогласи со геополитичките определба на ЕУ и да воведе санкции кон Русија и се соочува со големи пречки во напредокот на европскиот пат поврзани со недостигот на внатрешен политички дијалог, со владеењето на правото и борбата против корупцијата, со постигнување на сеопфатен договор за нормализација на односите со Косово и со целосно усогласување со надворешната политика на Европската Унија.

Тој посочи дека ЕУ досега инвестирала милијарди евра во Србија, но дека јавната перцепција и изјавите на српските лидерите генерално не го одразуваат ова, како и дека економскиот раст се базира и на нетранспарентни договори, кои покрај економско имаат и директно политичко влијание.

– За оваа ситуација своја одговорност сигурно мора да преземе и Европската Унија, поради политичките пораки за напредок во владеењето на правото, билатералните трговски договори и екстремно ниската стапка на инвестирање на европски пари во делот што носи најголема трансформативна придобивка – зајакнувањето на судството и борбата против корупцијата, додаде Пицула.

Според него, изјавите на „српскиот лидер“ за формална посветеност на европската интеграција звучат навистина неубедливо, додека во исто време планира патување во Москва и нови енергетски договори со Русија.

Пицула нагласи дека при изработката на извештајот се соочил со недипломатски практики, неосновани обвинувања и лични напади, но, и покрај ова, професионално и со најдобри намери пристапил на неговата подготовка, цврсто верувајќи во отвореноста на заедничкиот европски проект, трансформирајќи го потенцијалот за приклучување кон Европската Унија и придобивките што тоа им ги носи на граѓаните на земјите членки на ЕУ, но и на државата кандидат.

– Европскиот парламент како институција која на крајот од процесот гласа за договорот за пристапување, ќе остане најгласниот поддржувач на проширувањето, но сакаме тој процес да се базира на заслуги, на вистински реформи и јасното усогласување со европските вредности и геополитичките позиции на Европската Унија, додаде Пицула.

Во извештајот се оценува дека Србија бележи позитивни резултати во макроекономската стабилност и фискалната дисциплина, но нема напредок во владеењето на правото и слободата на медиумите, а загриженост предизвикуваат и блиските односи со Русија.

Со документот се повикува Србија „сериозно да ја покаже“ својата стратешка ориентација кон ЕУ, а од Унијата се бара да го преиспита обемот на финансиската помош за земјата, доколку таа продолжи да ги поддржува антидемократските идеологии и не се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика.

– Српските власти треба да покажат силна политичка волја и доследност во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ и недвосмислено да комуницираат со граѓаните за Унијата и за европскиот пат на Србија, се наведува во Извештајот, по кој европратениците ќе се изјаснат утре.

Инаку, дебата по извештајот на ЕП за Србија ја следеа и група студенти вклучени во студентските протести што изминативе неколку месеци се одржуваат ширум земјата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close