Кос: Уставните измени се единствен услов за отворање на преговорите, идентитетот на Македонците не може никој да им го одземе
Според еврокомесарката за проширување, денешниот состанок во Скопје покажува дека Северна Македонија треба само да се подбутне на патот кон проширувањето, со оглед дека, како што кажа, некои други земји се силни конкуренти за завршување на претпистапните преговори
Еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос на денешната прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски / Фото: Принтскрин
За Европската комисија ситуацијата е јасна. Доколку Северна Македонија ги исполни обврските и го промени Уставот, што секако свесна сум не е лесно, тогаш веднаш ќе започнеме со меѓувладината конференција за отворање на кластерите без какви било други политички условувања.
Ова денеска го порача еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со спорот со Бугарија и гаранациите што ги бара земјава дека процесот на евроинтеграција нема да се оптоварува со билатерални прашања од страна на Софија.
„Нашата политичка цел е да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија по кластер 1 најскоро што е можно, штом Северна Македонија ќе ги исполни релеватните критериуми договорени со Советот на ЕУ, односно ќе ги имплементира заложбите за уставните промени“,рече Кос.
Еврокомесрката беше прашана и за коментар на амандманите на бугарските европратеници со кои се бара во извештајот за напредокот на земјава што треба да се гласа на пленарна седница на ЕП следната недела пред македонски јазик да стои придавката „модерен“.
Во врска со ова, Кос рече дека според неа членството во Европската Унија е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, затоа што, како што кажа, Европската Унија е изградена на принципот на разноликост.
„Европската Унија се грижи за сите земји членки поединечно, во смисла на тоа што нашиот идентитет е добро зачуван“,рече таа.
Како пример таа го посочи искуството со нејзината земја, Словенија, како и случајот со Молдавија која од лани е земја кандидат за членство во Европската Унија.
„Словенија исто така е мала земја со два милиони жители, но откако ставнавме членка на Европската Унија во 2004 година, словенечкиот јазик е еден од 24. официјални јазици на Европската Унија. И откако Молдавија исто така стана земја кандидат во моето портфолио помагаме таму да се спречи рускиот наратив кој вели дека ќе го изгубат идентитетот“,рече Кос.
Во таа насока, еврокомесарката рече оти според неа, идентитетот никога не може да биде предмет на политичко одлучување, туку е нешто го носиме во душите и нашите срца. Идентитетот, како што кажа таа, е како се чувстуваме, како ја чувствуваме нашата татковина и како се грижиме за нашата традиција.
„На пример манастрите во Северна Македонија, на пример погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик. Никој не може да ви го одземе ова на вас Македонците“рече еврокомесарката за проширување.
Говорејќи претходно за односите меѓу С македонија и Бугарија, таа рече дека од аспект на Европската комисија, Брисел продолжува да нагласува колку е важно Скопје и Софија да имаат конструктивен дијалог и да се изгради дух на заедничка доверба и разбирање меѓу двете земји.
Според неа, денешниот состанок во Скопје покажува дека Северна Македонија треба само да се подбутне на патот кон проширувањето, со оглед дека, како што кажа, некои други земји се силни конкуренти за завршување на претпистапните преговори.
„Сите препознаваме дека ова не е лесно, но можноста за проширување сега е отворена и сите ние треба да ја искористиме оваа шанса и сите ние треба да придонесеме не само овие две земји туку и сите во Европската Унија да се изнајде начин што ќе овозможи Северна Македонија да започне што е можно поскоро. Најдобрата гаранција за овој процес е да се остварат резултати“,кажа Кос.