Кошта: Албанија и Црна Гора се понапредни, би можеле да се приклучат кон ЕУ пред другите
Албанија и Црна Гора очигледно се понапредни од другите земји и би можеле да се приклучат кон Европската Унија пред другите, вели во интервју за „Еуроњуз“ претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Неговата изјава следува во пресрет на турнејата низ земјите од Западен Балкан која ја почнува утре, а ја завршува во петок.

Говорејќи за 2030 година, која европските институции честопати ја споменуваат како целна временска одредница за првите пристапувања на земјите од регионот на Западен Балкан кон ЕУ, Кошта вели дека пристапувањето во Унијата може да се случи и порано ако земјите ги спроведат реформите.
„Нема фиксен датум. Зошто 2030 година? Зошто не и порано? Пристапувањето е процес базиран на заслуги. Доколку земјите ги спроведат реформите, тие би можеле да се приклучат дури и пред 2030 година“ вели претседателот на Европскиот совет во интервју за „Еуроњуз“.
„Но, токму заслугите можат да се променат. Албанија и Црна Гора се очигледно понапредни од другите земји“,додава тој.
Кошта нагласи дека проширувањето е пред сè процес на внатрешни реформи.
Коментирајќи ја посетата на на српскиот претседател Александар Вучиќ на Москва и политичките тензии во Србија, претседателот на Европскиот совет рече дека еден од условите за пристапување кон Европската Унија е заедничка надворешна политика меѓу Унијата и потенцијалните земји членки.
Во пресрет на овонеделната турнеја низ земјите од Западен Балкан, претседателот на Европскиот совет порача дека доаѓа за да разговара со лидерите на земјите и да им покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне во однос на предизвиците со кои се соочуваат.