Кошта на средба со Вучиќ: Топката е на ваш терен

Јасна осуда на руската инвазија на Украина и дијалогот со Косово се клучни за понатамошната европска интеграција на Србија, му порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на српскиот претседател Александар Вучиќ за време на денешната средба во Белград.

„Процесот на пристапување се темели на градење доверба. Знам дека многумина ја изгубија довербата во тој процес, но дојдов лично да ве уверам дека иднината на Србија е во ЕУ. Топката сега е на ваш терен. Ве молам, да не губиме време, бидејќи иднината нема да чека. Да го отвориме кластерот и да продолжиме со процесот“,

 

рече Кошта за време на средбата со Вучиќ.

Тој рече дека со српскиот претседател разговарал за реформите што Србија треба да ги спроведе за да го отвори третиот кластер 3 преговорите за пристапување кон Европската Унија.

„Она што треба да се направи како следен чекор за отворање на овој кластер е многу јасно и тоа е она за што веќе се договоривме – слобода на медиумите, борба против корупцијата и подобрување на изборниот закон“,истакна Кошта.

Коментирајќи го заминувањето на Вучиќ во Москва на Денот на победата и покрај пораките од Брисел да не го стори тоа, Кошта рече дека српскиот претседател му објаснил дека отишол да прослави настани од минатото.

„Но, во моментов, Србија е целосно посветена на процесот на пристапување во ЕУ и знае дека за тоа ни е потребна целосна координација во заедничката надворешна и безбедносна полиција. Не можеме да ја менуваме историјата, целосно разбирам дека Србија го слави ослободувањето, но не можеме да го славиме без да ја осудиме сегашната инвазија на друга земја“,додаде претседателот на Европскиот совет.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е свесен оти многу европски претставници не ја одобруваат неговата неодамнешна посета на Москва, но дека на Кошта му пренел оти политичката волја на Србија е да биде на европскиот пат. Додаде дека верува оти Србија ќе може да добие зелено светло и за третиот кластер, а подоцна и за некои други кластери, т.е. за преостанатите поглавја.

 

„Политичката волја на Србија е да ја забрза својата интеграција, да си ја заврши работата, да го отвори третиот кластер што е можно поскоро. Атмосферата, сега сум убеден поради патувањето во Москва, не е толку добра, но на пат сме да исполниме сè што ветивме и верувам дека ќе има разбирање во Европа за напредок базиран на заслуги“,рече Вучиќ на прес-конференција по средбата со Кошта

Back to top button
Close