Кошта за ФТ: На Европа ѝ е потребен голем пресврт, заостануваме поради бирократските блокади и прекумерната регулација

На Европа ѝ е потребен голем пресврт, момент на „голема експлозија“ во кој европските престолнини ќе ги остават настрана националните интереси и конечно ќе се зафатат со регулаторната инертност поради која континентот заостанува зад САД и Кина, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.

Подготвувајќи се денеска да претседава со клучниот самит на ЕУ за конкурентност, Антонио Кошта за „Фајненшл тајмс“ (ФТ) изјави дека проблемите на Европа подеднакво произлегуваат од бирократските блокади на националните регулатори, колку и од прекумерната регулација во Брисел.

– Мораме да дадеме нов политички поттик. Мораме во 2026 година на планот на конкурентноста да го направиме она што минатата година го направивме во областа на одбраната, рече поранешниот португалски премиер, мислејќи на договорите за зголемување на трошоците за одбрана и заедничката набавка.

Барајќи политичка подготвеност за компромис која соодветствува на сеприсутната реторика за раст, Кошта изнесе аргумент за сеопфатни реформи на единствениот пазар со цел намалување на бирократијата.

– Тоа би можело да биде „голем пресврт“ на внатрешниот пазар, рече тој.

Според него, еден пример би можел да биде воведување на принципот според кој компаниите ги доставуваат податоците до надлежниот орган во Европа само еднаш, наместо во секоја држава членка во која работат.

Тој сака лидерите да дадат недвосмислени упатства „за да се запре ситничарењето“ на националните престолнини кое ги закочи напорите за изградба на унија на пазари на капитал на ЕУ или на вистински интегрирана енергетска мрежа.

Говорејќи за спроведувањето на постоечките правила, тој ги повика лидерите „да испратат многу силна политичка порака до своите влади“ да престанат со таканареченото „позлатување“, односно практиката оптоварувачките правила на ЕУ дополнително да се пооструваат и „умножуваат преку 27-те национални бирократии“.

Кошта рече дека еден од фокусите на денешниот состанок, кој се одржува во белгиски дворец од 16 век, ќе биде постигнување компромис околу француското барање за политика „Купувај европско“, со која би се барало одредена клучна стока да се произведува во Европа – што е неприфатливо за земјите повеќе ориентирани кон слободниот пазар.

Кошта истакна дека ЕУ мора да остане „отворен пазар“ и да го отфрли протекционизмот, но призна дека ќе бидат потребни мерки за заштита на стратешките индустрии како хемиската, челичната и алуминиумската. Неговиот пристап ја одразува загриженоста на другите престолнини, вклучувајќи го и Берлин, дека политиката „Купувај европско“ во сите сектори би отишла предалеку.

Таквата политика „мора да биде исклучок и крајна мерка“, изјави висок германски функционер за ФТ. „И би требало да се однесува на критичните и стратешките технологии, а не на цели сектори, и тоа на ограничен временски период“, додаде тој.

Кошта, кој претседава со самитите на лидерите на ЕУ и го утврдува нивниот дневен ред, рече дека целта му е да обезбеди политички договор за низа мерки, вклучувајќи го отстранувањето на бариерите на единствениот пазар на ЕУ и создавање на „вистински единствен пазар“ во областа на енергетиката, телекомуникациите и пазарот на капитал.

Тој исто така ќе го повика блокот да склучи повеќе трговски договори, да користи мерки за одмазда и да ги преиспита своите правила за конкуренција „за да им овозможиме на нашите компании да се шират“ на континентот и глобално да конкурираат.

– Не смееме да бидеме наивни. Ако некои глобални актери нè предизвикуваат со нечесна конкуренција, мораме да реагираме. Ако другите ја користат трговијата како закана, како инструмент за принуда, мораме да ги употребиме нашите алатки, рече тој.

Еден од клучните делови на напорите за повторно придвижување на растот во Европа е забрзување на намалувањето на претераната регулатива, од која голем дел произлезе од амбициозните климатски закони на ЕУ. Многу компании ги поддржаа напорите на ЕУ за поедноставување на прописите, иако се претпазливи бидејќи постојаните измени на законодавството ги поткопуваат вложувањата.

– Не мораме дополнително да го оптоваруваме нашето општество со прекумерна регулација за да ги намалиме емисиите на штетни гасови, рече Кошта.

Тој беше претпазлив во врска со можноста државите членки кои размислуваат исто да продолжат напред со законодавството за да го заобиколат ветото на земјите како Унгарија, опција која ја споменаа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и шведскиот премиер Улф Кристерсон.

– Засега не гледам посебна причина за преминување на „засилена соработка“, бидејќи моето сфаќање е дека сите 27 лидери имаат јасно чувство на итност за решавање на овие проблеми, заклучи Кошта.

Back to top button
Close