„Коски Коски“ – втор албум на групата „Вел“
Битола е познат како град што ја негува и живее со традицијата. Денес кога сме под инвазија на шунд и турбо фолк, особено од соседството, во градот под Пелистер продолжува традицијата на создавање квалитетна музика.
Доказ за тоа е битолската рок група „Вел“, прилично нова на музичката сцена, според датумот на формирање (2019), но, составена од искусни музичари, кои биле дел од повеќе битолски бендови.
„Вел“ за своето шестгодишно постоење издава два албума. Вториот албум насловен „Коски Коски“ пред неколку дена е издаден за издавачката куќа „Q Records“ од Куманово.
Во рецензијата на албумот, Илија Талев пишува „музичката форма е разновидна, динамична, често на границата помеѓу експериментот и класичните рок-структури, на моменти свесно движејќи се на маргините на комерцијализацијата за разлика од претходно“.
Талев за текстовите наведува дека „во текстовите и понатаму се забележува упорна потрага по смисла во општество што изгледа како да ја загубило својата морална тежина. Зборовите не се патетични, туку прецизни, понекогаш дури и сурово искрени, како филозофски афоризми кои не се плашат да ја разголат вистината“.
Новиот албум, за разлика од првиот „Црнило“, кој имаше 10 песни, содржи девет песни – „Полип“, „Никој“, „Г.И.С.“, „Мерзост“, „Одговор“, „Суд“, „Народ“, „Лице“ и „Пулс“.
Групата ја сочинуваат: Томе Спасовски (глас, бас гитара), Златко Никодиновски З’лте (гитара, глас), Сашо Ристевски (тапани), Денис Алитовски (клавијатури, глас). На вториот албум во групата се враќа Горан Јаневски (гитара, глас), додека во песните „Мерзост“ и „Суд“ гостува поранешниот член на бендот, Александар Гулевски (гитара, глас), додека во песната „Г.И.С.“ (Горди и срамни) вокал и гитарист е Горан Трајковски Готра (Анастасија).
фото: Вел