Косовски Србин уапсен поради ланскиот напад врз припадници на КФОР на протестите во северно Косово

 Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека, по неколкумесечна истрага, во соработка со косовската полиција, денеска во регионот на Митровица уапсило лице кое се сомничи за напад врз припадниците на Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, на минатогодишните протести во Звечан во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на обвинителството се наведува дека станува збор за лице со иницијали М. Б., без детали за неговата етничка припадност, но адвокатот на уапсениот изјави за порталот на српски јазик КоССев дека станува збор за припадник на српската етничка заедница, жител на селото Бабин Мост во општина Обилиќ.

Претходно, косовската полиција потврди дека уапсениот е осомничен за нередите на 29 мај минатата година во Звечан, каде беа повредени 93 војници на КФОР.

Обвинителството соопшти дека тој е осомничен за сторени кривични дела „Здружување поради противуставна дејност“; „Загрозување на лица под меѓународна заштита“; „Учество во толпа која врши кривично дело и хулиганство“; „Напад на службено лице“.

Со решение на државниот обвинител од Специјалното обвинителство на истиот му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа и против него ќе бидат продолжени потребните истражни дејствија.

Насилството во Звечан избувна откако локалните Срби се спротивставија на влегувањето на новите градоначалници Албанци во општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток – општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население.

Како резултат на насилството беа повредени 93 припадници на КФОР, од кои неколкумина потешко.

КФОР претходно соопшти дека нападот врз неговите војници бил извршен „без никаква провокација“ и дека е „целосно неприфатлив“.

Косово ја обвини Србија за настаните во Звечан, велејќи дека тие биле извршени од „криминални групи блиски до српскиот претседател, Александар Вучиќ“

Back to top button
Close