Косовскиот премиер Хоти доби поддршка од Меркел и од официјален Париз

Новиот косовски премиер Авдулах Хоти, кој беше именуван на таа позиција минатата среда, на 3 јуни, објави попладнево дека примил честитки за изборот на чело на косовската Влада од германската канцеларка Ангела Меркел, како и од претставник на францускиот претседател Емануел Макрон, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку својата страница на Фејсбук, Хоти изрази задоволство поради честитката на Меркел и нејзината готовност за соработка и натамошна поддршка на Косово.

– Задоволство ми е да ја споделам честитката која ја примив од нејзиното височество, германската канцеларка Ангела Меркел, која исто така изразува готовност за соработка и натамошна поддршка на Република Косово, напиша Хоти.

Во истата објава, тој информира и за телефонскиот разговор кој денеска го имал со Емануел Боне, дипломатски советник на францускиот претседател Макрон, кому се заблагодарил за француската поддршка за Косово.

– Денеска имав и срдечен разговор со г. Емануел Боне, дипломатски советник на претседателот на Франција Емануел Макрон, кому се заблагодарив за поддршката во минатото и подготвеноста на Франција да го помогне Косово на неговиот пат кон евроатлантските интеграции, напиша Хоти.иа/сд/

Back to top button
Close