Косовскиот претседател го потпиша указот за Законот за справување со пандемијата
Косовскиот претседател Хашим Тачи објави вечерва дека го потпишал указот за прогласување на Законот за борба против пандемијата на Ковид-19, кој минатиот петок, на 14 август, беше усвоен од Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на својата страница на Фејсбук, Тачи информира дека, покрај споменатиот, потпишал уште два други закони, што треба да придонесат за поефикасно справување на државата со последиците од заразната болест.
– Косово сега ги има Законот за спречување и борба против пандемијата на Ковид-19, Законот за ратификација на спогодбата со Меѓународната асоцијација за развој во врска со финансирањето на итниот проект Ковид-19 и оној за Договор за задолжување меѓу Косово и ЕУ за макрофинансиска помош.
– Денеска ги потпишв овие три значајни закони кои помагаат за надминување на оваа ситуација и за економско закрепнување, напиша Тачи.
Со Законот за борба против пандемијата на Ковид-19 им се дава легитимитет на мерките што ги презема Владата на Косово во соочувањето со заразната болест.