Косовско МНР: Русија го користи својот сателит Србија за да го дестабилизира Балканот

Министерството за надворешни работи на Косово смета дека официјална Москва, со пропагандата за наводно учество на лица од Косово и Албанија на страната на Украина во конфликтот со Русија, има за цел да предизвика тензии и во Косово и во целиот регион на Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во реакцијата по наводите на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров и на државната руска агенција ТАСС, дека Косово и Албанија испратиле платеници во Украина и дека „Косово и делови од Западен Балкан се претвораат во терен на криминалот”, официјална Приштина оцени дека Москва сака да го дестабилизира регионот „преку рускиот сателит на Балканот, Србија”.

– Оваа дива руска кампања против Косово и другите земји на Западен Балкан, меѓу другото, има за цел да предизвика тензии во Косово и пошироко во регионот преку рускиот сателит на Балканот, Србија. МНР ја изразува целосната солидарност на народот на Косово со народот на Украина за неговото право на слободен и суверен живот во сопствената држава, се вели во соопштението на косовското МНР.

Изјавите на Лавров и написите на ТАСС, косовското МНР ги смета за дел од руската пропаганда чија цел е „да го одвлече вниманието на сиот демократски свет од кошмарот што го предизвикува руската политика на хегемонизам и диктат врз правото на народите на слободен и суверен живот”.

– Го информираме министерот Лавров и новинската агенција ТАСС дека во Република Косово е забрането со закон (НР.05/Л-002) учеството на неговите граѓани во војни надвор од земјата и дека тој закон пропишува остри казни за граѓаните кои може да бидат дел од такви дејствија. МНР цени дека изјавите на агенцијата ТАСС и на министерот Лавров се дел од една дива кампања на руската пропаганда која има за цел да го одвлече вниманието на сиот демократски свет од кошмарот што го предизвикува руската политика на хегемонизам и диктат врз правото на народите на слободен и суверен живот, се вели во реакцијата на косовското МНР.

Повикувајќи на смирување на тензиите и избегнување на конфликтот, кој „може да предизвика несогледиви последици”, официјална Приштина порача дека „Република Косово се приклучува на демократскиот свет во осудата на руската хегемонистичка и експанзионистичка политика на штета на суверената и неависна држава Украина”. и

Back to top button
Close