Косовското Собрание не го изгласа законот за ОВК во прво читање

 Собранието на Косово не го изгласа во начело нацрт-законот за вредностите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и одлучи истиот да биде вратен на гласање во некоја друга прилика, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пратениците на двете најголеми партии, владејачкиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) и опозицското Движење самоопределување (ВВ), не присуствуваа на гласањето во прво читање на нацрт-законот, за кој гласаа 36 пратеници, од кои 35 „за“ и еден „воздржан“.

Овој нацрт-закон беше остро критикуван од меѓународниот фактор, кој забележа дека со него се задушува слободата на изразување, а предизвика делби и на домашната политичка сцена.

Лидерот на ЛДК, Иса Мустафа го повика вчера предлагачот, Демократската партија на Косово (ПДК), да го повлече наацрт-законот, поради тоа што, како што рече, „има многу забелешки и непрецизности“. Од ВВ, пак, забележаа дека „има нечесни намери“ кај оние кои го изготвиле законскиот проект.

Основач на ПДК е претседателот на државата Хашим Тачи, а нејзин актуелен лидер е Кадри Весели, обајцата обвинети, како едни од основачите и водачите на ОВК, пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово. Тачи и Весели, заедно со други водачи на таа воена организација, се сомничат за убиството на над 100 цивили од албанска, српска и други националности, за време и непосредно по војната во Косово во 1998-99 година.

Back to top button
Close