Коста Петров е новиот директор на Фондот за иновации и технолошки развој
Коста Петров, потпретседател на СДСМ е новиот директор на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР). Петров доаѓа на местото на Јован Деспотовски, кој побара да биде разрешен од оваа функција. Деспотовски повеќе од три години беше на чело на ФИТР.
Петров на Фејсбук објави дека после 15 години работно искуство во приватниот сектор, од кои 10 години како основач и директор на компанијата „Пи Ворлд“, ќе биде именуван за нов директор на ФИТР.
Петров е познат како автор на популарни книги за самопомош, Пи-ар експерт кој работеше во Кабинетот на Арбен Таравари кога тој беше министер за здравство, а лани во август беше именуван за потпретседател на СДСМ. Петров е говорник за односи со јавност и лидерство, а има објавено 5 книги на оваа тема.
Тој е основач на „Пи ворлд“ светската, водечка агенција за настани, која работи во 30 земји во Европа, Блискиот Исток, Централна Азија, Африка и Северна Америка.
Неговото прво печатено дело „Се гледаме на врвот“ во издание на „Три“ сѐ уште е најпродаваната книга од македонски автор во земјава. Петров е и ко-автор на стиховите на евровизиската „Proud“ со која Тамара Тодевска по шест години ѝ донесе евровизиско финале на нашата земја.
-Иновациите и развојот на технологии мора да ја заземат централната улога во нашата развојна економија, а ФИТР ќе биде двигател на оваа трансформација. ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите, работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развојот на македонската економија.
Целта е да обезбедиме поддршка за компаниите и стартапите со тоа што ќе им помагаме во секој чекор, почнувајќи од работењето, едукацијата, развојот на продукти, па сè до комерцијализацијата и продажбата. Фондот ќе работи и соработува со врвни домашни и меѓународни претприемачи, финансиски експерти и основачи на иновативни компании. Во нашата работа ќе биде целосно вклучена и академската заедница, која ќе биде нераскинлив дел од сите процеси. Мојата визија е заедно, со помош на интернационалната и македонската стартап заедница, со новиот бран на македонски иноватори да ја позиционираме Македонија како регионален стартап хаб во регионот, вели Петров.
Според Петров, Македонија има многу потенцијал, има многу паметни и мотивирани млади луѓе.
-Ќе ја насочам целата моја енергија да ги поддржиме и да им помогнеме да ги реализираат своите цели. За крај, сакам да му заблагодарам на премиерот Зоран Заев за дадената доверба и на сите мои колеги кои ме поддржуваа. Нè чека многу работа и многу храбри чекори! Знам дека можеме!, напиша Петров на Фејсбук.