Костадиноска-Милошеска: Нормална држава се создава со исправање на неправдите од минатото и со обештетување на жртвите на транзицијата

Интервју со Проф. д-р Снежана Костадиноска – Милошеска, носител на листа за Македонски концепт во ИЕ2

Снежана Костадиноска – Милошеска е универзитетски професор а извршувала функција на државен секретар во Министерството за финансии и други владини активности поврзани со функцијата, како што се: Претседател на Поткомитетот за преговори со ЕУ за економија, финансии и статистика; Член на владини комисии и тела; Претседател и Потпретседател на Фондот за здравство на РМ; Потпретседател на националниот совет за платни системи на РМ; Претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата во РМ; Претседател на комисијата за оценка на способноста на општините за влез во II–та фаза на фискалната децентрализација и слично. Во текот на овој период и потоа, има активно учествувано во креирање и спроведување на клучни економски / финансиски реформи во земјата, реформите во здравството, во јавната и локалната администрација. Сега Костадиноска – Милошеска носител на листа во Изборна единица 2 и еден од креаторите на економските политики и проекти на Македонски концепт.

Еден од аргументите на Македонски концепт во кампањата за изборите е економско зајакнување на државата и премостување на јазот меѓу сиромашните и богатите граѓани. Како предлагате да се постигне тоа?

Нашата основна цел е богати граѓани. Македонија може да се стабилизира и издигне само ако нејзините граѓани не се сиромашни и ако се намали екстремната нееднаквост. Тоа може да се постигне единствено со целосно вклучување на работоспособното население во економскиот развој и соодветна помош за останатите. За таа цел предлагаме одржливи економски политики на краток и среден рок кои треба значајно да ја динамизираат економијата (со годишни стапки на економски раст од 7-8%) и благосостојбата на населението. Кон оваа цел нужна е стабилизација на државата од политичките превирања и неизвесности и спроведување на темелни реформи во државата со вклучување на сето врвно знаење. Реформите треба да донесат мала и ефикасна државна администрација и силен приватен сектор. Вистинското решение е целосна либерализација и дерегулација на економијата и финансискиот пазар, намалување на сивата/црната економија, корупцијата и слично. И секако, силна поддршка за претприемништвото, во приватниот, јавниот и социјалниот сектор за целосно и рационално искористување на сите домашни расположливи ресурси. На краток рок предлагаме намалување на давачките на потрошувачка, на ДДВ за 3% и 2% на акцизите и  соодветна помош за најбројните и најпогодените микро, мали и средни претпријатија од здравствената криза и несоодветните економски политики, како и неактивното население. Средствата, меѓу другото, би се обезбедувале со воведување придонес од 1% на вкупните остварени месечни приходи на компаниите за општествена одговорност. Со тек на време ова би било иницијален извор за финансирање на одржливите цели на развојот на Македонија, кои се насочени кон искоренување на сиромаштијата и нееднаквоста.

Истапивте со план за конечно затворање на транзицијата и 1,5 милијарди за обештетување. Како планирате да го спроведете тоа?

Логичен предуслов за создавање нормална држава е исправање на неправдите во општеството од лошите и неправедни економски политики од независноста до денес и враќање на достоинството и надежта на македонските граѓани. Како резултат на моделот на приватизација на целокупниот општествен имот, несоодветната државна регулација, особено над т.н. природни и други монополи, лошите комунални услуги, не обезбедување евтини извори на енергија, невладеењето на правото и неможноста да се заштити приватната сопственост во деловната сфера и кај физичките лица во заробена држава, ниските плати и високата невработеност, голем дел од населението е исцрпено и безнадежно. По сите овие основи, со јасно дефинирани критериуми и транспарентно ќе понудиме обесштетување на сите живи граѓани и нивни наследници. За таа цел првично издвојуваме 1,5 милијарди евра, кои во зависност од економската кондиција на земјата заради траењето на пандемијата ќе бидат исплатени со динамика од 2-3 години. Притоа, средствата ќе се обезбедат по неколку основи. Еден дел ќе се обезбеди со проектот финансиска лустрација, друг дел од рационализацијата на државната управа, непродуктивните расходи и елиминирање на корупцијата во јавните набавки и другите јавни овластувања.

Каде ги лоцирате досегашните најголемите пропусти во економските политики и на што вие би се насочиле?

Покрај стабилизацијата на државата која треба да овозможи предвидливост и планирање на инвестициите и деловните потфати, потребно е слобода за бизнисот и рушење на сите бариери за деловните активности. Тоа значи укинување на сите бирократски процедури и дискрециони права на политичарите во врска со бизнисите и јавните услуги кон  граѓаните. Немањето јасна стратегија за развојот на земјата доведе до лоша стопанска структура, во која, со над 80 % учество, доминираат микро компаниите (со 1 до 9 вработени), кои се препуштени сами на себе и во челустите на заробената држава, а само 0,3% се големи компании. Од нив, најголеми создавачи на бруто домашниот производ (со над 30%) се компаниите од трговијата на големо и мало, а опаѓа учеството на индустријата и земјоделството. Привлекувањето на странските директни инвестиции скапо ја чини државата, го амортизира трговскиот дефицит и делумно ја намали невработеноста, но изостанаа другите ефекти од подигање на технолошкиот развој на земјата и нивниот позитивен прелевен ефект врз домашните компании. Мерките и политиките за решавање на невработеноста се палијативни и неодржливи. Земјоделската политика е неконзистентна и неефективна. И покарај обезбедување на 1 милијарда евра субвенции, производството на храна опаѓа, увозот расте, домашното производство е потценето и непласирано. Имаме недоволна поддршка за туризмот и информатичката индустрија, која благодарение на вештините на работната сила и компаративната предност имаат големи потенцијали за раст. Регионален и локален развој нема, државата станува моноцентрична, со единствен центар за развој на градот Скопје. Екологија нема. Образованието се руинира, науката не се цени и не е во функција на стопанството. Во целост, нема сенс за управување со знаење и интелектуален капитал, кои можат да бидат силни развојни лостови. Што значи, како што симболизира логото на македонски концепт, сложувалката, ги имаме сите елементи, но тие не се соодветно наместени, што севкупно упатува на лоша организација и управување со државава. 

На кого би ја фокусирале предноста – на домашните компании или странски инвестиции?

 

Ние се залагаме за еднаков третман на домашните со странските компании. Севкупна поддршка и на домашните компании (финансиска, советодавна, менторска, техничка, административна), на старт-апи, особено во првите три години од нивниот развој и спин-офи. Исклучок може да се направи за странски компании со високо ниво на технологија и know-how, кои би направиле значајно поместување на стопанската структура и конвергенција со европската економија, чиј дел претендираме да бидеме за да ги почувствуваме благодетите од заедничкиот европски пазар.

 

Како го оценувате финансискиот пазар во моментот и каде ја гледате перспективата?

 

Моментално финансискиот пазар во Македонија не е целосно либерализиран, односно нема простор за слободно движење на капиталот и меѓународна конкуренција. Со влегувањето во II-та фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската унија, од почетокот на 2019 година требаше овој дел да се отвори, но досега, после скоро 2 години, не се преземени никакви чекори во оваа насока. Инаку, финансискиот пазар може да се оцени и како нефункционален заради тоа што, од една страна изобилува со вишоци на средства, за што редовно известува Централната банка, а сите субјекти во државата (стопанството, државата и населението) се соочуваат со постојана неликвидност, односно кусок на средства, особено на краток рок. Воедно е сиромашен и со мал број на финансиски институции (главно банки) и финансиски инструменти (класични средства). Ова е блокада за развојот, како заради несоодветната алокација на средствата, така и по нивната цена и е во функција само на финансиските центри на моќ. 

 

Со економските политики на повеќе начини е врзана јавната администрација, која е нејзината функција во унапредувањето на економските перформанси?

 

Во современите пазарни економии голема и витална е улогата на јавната администрација врз економијата и нејзините перформанси. Првенствено таа е механизам  низ кој се спроведуваат јавните политики. Потоа е обезбедувач на голем спектар на услуги од јавен интерес. Од безбедноста и заштитата на животот и имотот, националната безбедност, до бројни услуги неопходни за стопанството, како што се транспортот, комуникациите, образование, здравство и санитација, социјалната сигурност, домувањето, снабдувањето со вода, енергија, гас и сл. Воспоставување на правен систем и државни политики и обезбедување стабилност во опшетсвото. Сè се ова предуслови за несметана и успешна економија и справување со сите предизвици во социо-економските промени, во кои јавната администрација е главен развоен инструмент. Само деполитизирана, чесна, некорумпирана и компетентна администрација може да биде носител на модернизацијата на нашето општество и економскиот развој.

 

Кои се предностите на Македонски концепт пред другите партии?

 

Македонски концепт се залага за нормална држава во која граѓаните ќе имаат слобода, правда, спокој и солидарност. Во економијата нудиме конзистентна развојна стратегија. Таа утврдува вистински структурни промени во економијата и општество базирани на знаење, чесност и посветеност, со затворање на сите транзициски опашки и неправди, до општество на богати и горди граѓани кои рамноправно ќе се носат со европјаните. Не лицитираме со конкретни ветувања за раст на плати, пензии, вработеност……Нудиме спокој, стабилност и благосостојба. Ова е потешкиот, но вистинскиот пат за развој на Македонија како респектабилен фактор во регионалните и меѓународните односи. 

Back to top button
Close