Костадинов: Ги знаеме нашите квалитети, на противниците ќе им биде тешко

 Тихомир Костадинов, фудбалерот од средниот ред на македонската репрезентација вели дека нашата селекција има квалитет и ќе се обиде да го покаже тоа на секој натпревар.

– Последните два контролни натпревара на националната арена, посебно мечот со Казахстан се одлична увертира за претстојното првенство. Овие две недели ги искористивме на најдобар можен начин што подобро да се подготвиме за натпреварот против Австрија. Секој меч на ова првенство ќе биде тежок, ова за нас претставува огромен предизвик, бидејќи ни е прво Европско. Ги знаеме нашите квалитети, подготвени сме, ќе атакуваме на победа на секој натпревар. Најмногу жалам што нема да бидат исполнети целосно стадионите, но имајќи ја предвид целата ситуација последните година и пол, добро е и ова што ќе имаме одреден процент на публика. Се надеваме на голема поддршка од нашите навивачи и знаеме дека ќе не бодрат на целото првенство. Оваа репрезентација има голем напредок во однос на последната пресметка со Австрија. Расте самодовербата кај нас играчите, селекторот и целиот стручен тим. Ни одговара тоа што не сметаат за аутсајдери на ова првенство, тоа нас ни оди во прилог, опуштени сме, не чувстуваме никаков притисок. Оваа репрезентација поседува квалитет, на секоја репрезентација ќе и биде тешко да игра против нас, изјави Костадинов на денешната пес-конференција.

Македонската репрезентација првиот натпревар на ЕП ќе го има на 13 јуни во Букурешт против Австрија. Во групата Ц се и селекциите на Украина и на Холандија. 

Back to top button
Close