Костадинов: Нов парк, спортска зона, безбеден сообраќај и силна поддршка за граѓаните, развојот на Валандово да продолжи
Граѓаните гледаат што е направено и како се создаваат услови за развој. Заедно со нив, и во следниот мандат, ќе работиме Валандово да остане град на сите, демократски, економски стабилен и со перспектива за иднината, рече кандидатот за градоначалник на Валандово, Перо Костадинов од СДСМ, во гостувањето во емисијата „Топ тема” на Телма.

Тој ја претстави својата програма за модерно и урбано Валандово, во која најави дека ќе ги заврши веќе започнатите проекти и ќе отпочне нови.
„Нашата програма се темели на пет столба. Прво, Валандово за сите, што значи дека ги враќаме парите кон граѓаните: 10 милиони денари за мали и семејни бизниси, 5 милиони денари на годишно ниво за невладините организации и 2 милиони за пензионерите. Вториот столб е сигурно и безбедно Валандово – столб кој што е создаден заеднички со граѓаните. Обезбедуваме во Валандово отворање на нови паркинг-места, минимум 150 во градот, воведување на еднонасочен сообраќај во делови од градот, реконструкција на тротоарите во градот и во поголемите населени места, како и сообраќајно решение со кружен тек – еден поголем на булеварот „Првомајска” и два помали кружни тека за зголемување на безбедноста и сигурноста во нашето Валандово”, потенцираше Костадинов.
Во програмата е и „Еко Валандово”, каде секое домаќинство ќе добие канти за селекција на отпадот. Потоа, развој на културата: освен што е вратено градското кино во Валандово, сега ќе се реконструира и градската библиотека. На планот на петтиот столб, се продолжува со создавање подобри услови за спорт и рекреација, изградба и реконструкција на игралиштата, отворање на спортски сали по училиштата низ населените места. „Најавуваме комплетно нова спортско-рекреативна зона во Валандово со име Калинка, која ќе опфаќа: градски парк (комплетно нов), реконструкција на градскиот фудбалски стадион, помошно игралиште, нови елементи и балон-сала за мал фудбал. Тоа ќе се наоѓа во близина каде што сега ќе се гради и затворениот базен во Валандово,” потенцираше Костадинов.
Во дебатата Костадинов се осврна и на рудникот „Казандол” и нагласи дека Валандово беше сериозно загрозено да стане рударска општина, потсетувајќи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ја даде концесијата за рудникот „Казандол”. Граѓаните, со собирање потписи, референдум и арбитражни одлуки, успеаја да го заштитат градот.
„Отворање на рударски комплекс не е опција. Ние сега треба да дискутираме за нови водоводи и за чиста и здрава вода, за проекти поврзани со канализациони системи или слично, кога Валандово беше под опасност да биде раселено. И тоа стоеше во самата студија – дека целото населено место Казандол треба да биде раселено. Валандово заслужува чиста вода, инфраструктура, канализација и здрав живот за граѓаните, и ние успеавме во тоа,” истакна Костадинов.






