Костадинов очекува АХВ да донесе решение дека водата во Струмица може да се пие, имал доказ оти таа е безбедна
Имаме доказ дека водата во Струмица е исправна и истата е чиста и безбедна за пиење. Останува дополнително да се почека анализата од Институтот за јавно здравје и во однос на хемиско-физичкиот состав и во однос на микробилогијата за да може инпекторот од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да донесе решение за конечно да може водата да се употребува за пиење. Ова вечерва на вонредна прес-конференција од фабриката за вода го истакна струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов.
Неговите очекувања се дека во наредните денови ќе се реши проблемот со водата за пиење во Струмица и во шест населени места. Оптимизмот за ова го темели на добиените резултати по две направени анализи во акредитирана лабораторија.
рече Костадинов.
Според него, изминатите три недели поминале низ вистинска голгота – институционална, политичка и експертска.
Тој вели дека изминатиот период немало потреба од собирање на донации за вода.
„Особено срамно и жално и неблагодарно беше од страна на една компанија од Кавадарци да се донира вода за пиење директно на политичка партија. Доколку не сакале да соработуваат со Струмица тоа можеле да го сторат преку Црвениот крст, преку Центарот за управување со кризи кадешто има јасен и точен протокол за делење на пивка вода“,рече Костадинов.
Костадинов вели дека е недозволиво во целиот тој период да не се седне на маса и да се види што се случувало со водата во браната „Турија“ и да се види од каде е изворот на манган во водата.
Тој најави дека пратениците на СДСМ ќе поднесат интерпелација за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, бидејќи не се појавил во Струмица.
„Ние како Струмица и струмичани добивме прес – конференција, безобразна и срамна од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство каде неаргументирано, без ниту една бројка, излезе да се расфрла со обвинувања. До денеска истиот тој министер, ако може така да го наречеме, не се појави и не собра храброст да излезе пред Струмица и струмичани да каже кои се бројките и какви се анализите од Институтот за јавно здравје, кој во моментот е под палката на централната власт и да каже што е причината за појавата на манган. Тоа е доволна причина за нашите пратеници или дел од пратениците во македонскиот парламент да поднесат интерпелација“,додаде тој.
На крајот рече дека дека останува отворено прашањето зошто водата во Василево и во Босилово не е е здрава за пиење и зошто досега не се споделени такви информации.
Костадинов пред три дена рече дека лабораторијата на струмички „Комуналец“, а која нагласи дека не е акредитирана, дала резултат 0,0017 грама на литар вода, што е апсолутно дозволиво за пиење.