Костадинов: Струмичани добија здрава и безбедна вода за пиење

„Елементарни човекови права како што е здрава и безбедна вода за пиење во ниту еден случај не смеат да бидат политизирани, како што таков обид имавме овде во општина Струмица и ние струмичани многу добро тоа на наш грб го почувствувавме. Им порачувам на сите надлежни институции да си ја гледаат својата работа без да мешаат политика во неа“, вели градоначалникот

Прашан за неговиот став околу излегувањето на Струмица од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Костадинов рече дека намерата е да се вклучи алармот за Владата и одредени министри малку посериозно да пристапуваат кон проблемите

 

Водата во Струмица од синоќа е здрава и безбедна за пиење, информираше денеска градоначалникот Костадин Костадинов покажувајќи го решението што го имаат добиено од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со кое официјално се потврдува исправноста на водата.

Костадинов, заблагодарувајќи се на соработката на инспекторите од АХВ, рече дека е добро што го потпишале записникот, иако можеби имало и притисоци, и овозможиле струмичани да ја надминат едномесечната голгота.

„Елементарни човекови права како што е здрава и безбедна вода за пиење во ниту еден случај не смеат да бидат политизирани, како што таков обид имавме овде во општина Струмица и ние струмичани многу добро тоа на наш грб го почувствувавме. Им порачувам на сите надлежни институции да си ја гледаат својата работа без да мешаат политика во неа“рече Костадинов на денешната прес-конференција.

Тој побара и за проблемот со браната „Турија“ да разговараат со надлежните институции велејќи дека Струмица била, е и ќе биде сериозен партнер на сите државни институции.

„Упатувам апел и порака до надлежните институции, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и АД ’Водостопанство’ да седнеме на маса, да дискутираме за состојбата на водата во браната ’Турија’, да изнајдеме решенија без разлика што тоа е нивна надлежност, ние Општина Струмица и ЈПКД ’Комуналец’ сме подготвени да разговараме за можните решенија дури и на брана ’Турија’. Знаеме дека Струмица сега има вода за пиење, но Општина Василево нема. Не знаеме дали утре повторно ќе има одрон во браната и повторно ќе ни се појави проблем со манган“,рече тој.

Котадинов ги повика надлежните институции-Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да не го политизираат случајот и да не наоѓаат дежурни виновници оти „еве од вчера гледаме каде е вината, но тоа не е битно бидејќи не знаеме до кога ќе трае“.

„Ова е време на прагмата, а не е време на политиката. Затоа, да седнеме како луѓе кои ја имаме честа од граѓаните да водиме институции и да носиме одлуки во интерес и за добробит на граѓаните“,рече Костадинов.

Прашан за неговиот став околу излегувањето на Струмица од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Костадинов рече дека намерата е да се вклучи алармот за Владата и одредени министри малку посериозно да пристапуваат кон проблемите.

„Намерата не е да излезам од ЗЕЛС затоа што сакам да сум надвор од ЗЕЛС, намерата е да го вклучиме алармот за Владата и одредени министри малку посериозно да пристапуваат кон проблемите со што не се соочува само градоначалникот на Струмица или ’Комуналец’, се соочуваат 53 илјади граѓани. Таков проблем имавме и во Гостивар, во еден период во државата околу 150 илјади луѓе беа оставени без питка вода. Требаше Костадинов да излезе од ЗЕЛС за да почнеме сега да организираме состаноци, апсолутно не. Мора да градиме одговорен пристап кон граѓаните и кон институциите“,додаде тој.

Тој истакна дека не сака да излезе од ЗЕЛС, бидејќи тоа е заедница која треба да се грижи за интересот на сите општини, која треба да работи на процесот на децентрализација многу сериозно и треба неселективно да се постапува, за што како што посочи вчера биле и изјавите од потпретседателите на ЗЕЛС за кои рече дека ги охрабрува во тој дух да се градат односите.

Тој рече и дека постојано е во контакт со неговите колеги градоначалници, секако и градоначалникот на Валандово и потпретседател на ЗЕЛС, Перо Костадинов, но потенцираше дека напуштањето на ЗЕЛС е во делот на состаноците и во делот на вклучувањето на алармот.

„Зошто? Струмица е четири недели без вода, тоа е само една од причините зошто го напуштив Управниот одбор на ЗЕЛС и не се појавувам на состаноците на ЗЕЛС. Тоа е многу принципиелно кога се обидуваме да исполитизираме процес како што е питка вода, не може да не очекуваме и политички одговор или реакција. Затоа велам, сега е време кога треба да седнеме на маса. Ние го решивме нашиот проблем, сега е време за седнување на маса, каде што, зборувам за ЗЕЛС, ќе ги отвориме можностите и ќе ги отвориме темите коишто се предмет на разговор и се интерес на струмичанки и струмичани“,рече Костадинов.

Минатата недела градоначалниците на општините Струмица и Карпош најавија дека ќе го напуштат ЗЕЛС, а Костадинов рече и дека истовремено ќе поднесе оставка и од функцијата член на Управниот одбор во ЗЕЛС.

Општина Струмица и официјално се откажува од членството во ЗЕЛС – Костадинов ќе поднесе оставка од функцијата во Управниот одбор

Вчера, претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа, Орце Ѓорѓиевски информираше дека имал средба со градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски на која било договорено општината да не ја напушти ЗЕЛС.

Back to top button
Close