Костадиновска-Стојчевска до Љутков: Се знае ли кој е државен секретар во Министерството за култура?
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Прашањето се однесуваше на прекинувањето на значајни проекти во културата и на фактот дека незаконски се претставува кој е државен секретар во Министерството за култура.
„Драго ми е што ги продолжувате проектите коишто беа наследени, како што е еден од нив – реконструкцијата на кино „Партизан“. За волја на вистината, не ги продолжувате сите, меѓутоа сепак гледаме некое поместување.
Најголем дел од проектите ги прекинавте, како „Љубојно“ и ред други значајни проекти, меѓутоа никој не дозна зошто.
Не дознавме ни зошто нема резултати од конкурсот за креативни индустрии, како што не ги видовме ниту програмите на националните установи јавно објавени, за да знае јавноста што е тоа што е одобрено.
Не знаеме зошто не распишувате конкурс за капиталните дотации до ЕЛС, а имате 200 милиони денари на таа сметка – конкурс којшто се објавува најдоцна до април.
Знаеме колку потрошивте за Јапонија, и дека отсега имате купено авио карта за во септември повторно за Јапонија. Изгледа убаво е таму.
Но, не знаеме кој е државен секретар во Министерството за култура. Затоа моите три прашања до вас се следниве: Кој е државен секретар во Министерството за култура на 22 мај 2025 година? Кој е државен секретар во Министерството на култура на 24 мај 2025 година? Кој е државен секретар во Министерството за култура на 26 мај 2025 година?, прашува Костадиновска-Стојчевска.