Костадиновска-Стојчевска: Изборот на Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028“ е огромен успех за македонската култура
Изборот на Град Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028“ е признание на нашите заеднички заложби за негување на културното богатство и на европските вредности и како граѓани, но и како држава и оваа титула претставува огромен успех за македонската култура, истакна денеска на прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„Европските експерти ја препознаа искрената посветеност на надлежните институции, за што Министерството за култура вложи сериозни напори и овозможи непречено одвивање на процесот и аплицирањето. Институциите заеднички се подготвени да одговорат на предизвикот. Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка за реализација на овој проект, во којшто се вложува со години однапред и по завршувањето на годината на манифестацијата, што всушност беше и клучен аспект кој обезбеди Скопје да е Европска престолнина на културата за 2028 година. Ова е наша заедничка инвестиција, во една незаборавна година, година во која Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата“,
Министерката им се заблагодари на Град Скопје и на градоначалничката Данела Арсовска за соработката, како и на тимот којшто ја подготвил апликацијата и на тимот кој во Брисел ги презентирал проектите.
Костадиновска-Стојчевска најави заедничка прес конференција со градоначалничката на Град Скопје и креативниот тим, каде што подобро ќе бидат објаснети сите понатамошни случувања и процедури.
Таа додаде дека македонската култура заслужува да биде признаена како култура со европски вредности и сето она што го негуваме како традиција и историја.
„Културата треба да се издигне над сите поделби, а ние мораме и понатаму да продолжиме да ја развиваме“,
истакна Костадиновска-Стојчевска.
Град Скопје е избран да биде Европска престолнина на културата за 2028 година. Одлуката беше соопштена вчера во Куќата на европската историја во Брисел.
„Култура над поделба“ беше слоганот на програмата со која Скопје се претстави пред ЕУ и го победи вториот финалист, градот Будва од Црна Гора.
За градовите да станат европска престолнина на културата, постапката за избор се спроведува во два круга: предизборен круг, по што се составува потесен список на градови кандидати и девет месеци подоцна – финален изборен круг. Откако ќе биде предложен потесен список на градови, во втората фаза Европската комисија официјално го назначува градот кој ќе биде избран со титулата Европска престолнина на културата.
Градовите кои ќе поднесат апликација треба да подготват културна програма со силна европска димензија, а мора да имаат трајно влијание и придонес за долгорочен развој на градот. Градовите, исто така, мора да покажат дека имаат поддршка од релевантните јавни локални власти и капацитет за реализација на проектот (тим и инфраструктура).
Европска престолнина на културата е програма на Европската комисија започната во 1985 година. Во периодот од 1985 до 2021 година оваа титула е доделена на околу 60 града од 30 земји од Европа, меѓу кои се повеќе градови од Југоисточна Европа, а од 2021 година и на градови од земји кандидатки за Европската Унија.
Целта на програмата е да се промовира различноста на културите во Европа, да се истакнат заедничките карактеристики и да се поттикне придонесот на културата во долгорочниот развој на градовите.