Костадиновска Стојчевска: Камерниот оркестар на Битола заслужено со статус Национална установа

 Камерниот оркестар на Битола заслужи да биде институционализиран и да добие статус на национална установа, изјави вечерва министерката во Министерството за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Во пресрет на вечерашниот новогодишен концерт, насловен „Виена во Битола“, министерката Костадиновска Стојчевска нагласи дека уметниците ја заслужиле одлуката на Министерството за култура, и тоа ќе се потврди како позитивен епилог во иднина.

-Големите работи кои што и се случуваат на Битола заслужуваат да се слават и не смеат во ниту една околност да се ставаат во негативен контекст. Камерниот оркестар на Битола заслужува да биде институционализиран и да добие статус на национална установа бидејќи овие музичари покажаа и докажаа дека заслужуваат многу повеќе. Колку и да се обидуваат одредени поединци одлуката да ја стават во негативен контекст, сепак овој Камерен оркестар и ваквите настани во иднина ќе имаат позитивен епилог, изјави Костадиновска Стојчевска.

Како што е познато, со одлука на Владата, а на предлог на Министерството за култура за нови национални установи се формираат Камерен оркестар на Битола, Музички театар-Тетово и Меморијален Музеј во село Смилево, демирхисарско. 

Back to top button
Close