Костадиновска Стојчевска : Законот за верските училишта отвора бројни нејаснотии и институционални проблеми
СДСМ изразува сериозна загриженост по однос на предлог-законот со кој верските училишта добиваат статус на средни училишта, а нивните дипломи стануваат признати за запишување на високо образование. Иако не поднесовме амандмани, оценивме дека во предлог-законот постојат повеќе суштински нејаснотии и недоречености, кои може да отворат нови правни и институционални проблеми, рече пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната седница на Комисија за образование, наука и спорт.
Костадиновска посочи дека законот влегува во Собранието без јавна дебата, а граѓаните имаат право да знаат кои образовни модели ќе бидат легитимирани под државна капа. Тука се отвора прашањето за секуларноста и финансиската контрола на ваквите училишта.
– Иако државата формално не ги финансира овие училишта, загрижува отсуството на механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат. Тоа отвора простор за непознати влијанија и непрегледност во функционирањето на овие образовни институции, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа укажа и на фактот дека засега има отсуство на јасни критериуми за образовната содржина и според достапните информации, наставата во богословските и исламските училишта вклучува верски предмети изведувани од свештени лица, додека основните образовни и педагошки дисциплини се минимално застапени или нејасно дефинирани. Оттука, се поставува прашањето: дали овие ученици ќе имаат адекватна подготовка за да продолжат кон наставнички или други стручни факултети?
– Уставниот поредок мора да се почитува. Република Македонија е секуларна држава. Според амандманот 7 од Уставот државата мора да биде неутрална во однос на религијата, а верските заедници и државата се одвоени. Секоја легислатива што го доведува овој принцип во прашање мора да се разгледа со особена претпазливост. Автономијата на верските заедници е загарантирана, но со влезот на овие училишта под државна капа, тие мора да ги следат државните образовни стандарди и критериуми, констатираше пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска