Костадиновски: Лично ми е жал што Уставен не се охрабри и да ги поништи одлуките на редовните судови за новинарите за 27 април
Слободата на изразувањето не е само индивидуално право, таа е претпоставка и предуслов за демократијата, а на преминот кон зрела демократија исклучително важно е заедно да бидеме посилни, вие да се борите за своите права, да бидете гласни кога истите се повредени, а ние, Уставниот суд, редовните судови да ги препознаеме и санкционираме таквите повреди, изјави претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски денеска беше говорник на регионална конференција во Маврово во рамки на проектот „Зајакнување на владеењето на правото преку медиумска слобода”, во организација на Здружението на новинарите во Македонија и во соработка со организациите Free Press Unlimited и Netherlands Helsinki Comitte.
Костадиновски се обрати на темата за слободата на изарзување низ призма на уставно-правните механизми за заштита, праксата на Уставниот суд и начинот на којшто се водат овие постапки во Судот.
-Уставниот суд во 2023 и 2024 година донесе неколку значајни одлуки со кои ја афирмираше улогата на медиумите и новинарите во демократското општество. Со Одлуката У.бр.146/2021 од 2023 година и Одлуката У.бр.11/2023 од 2024 година, Уставниот суд утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на новинарите Влатко Стојановски и Душица Мрѓа. Во наведените одлуки Судот укажа дека „Слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето што, меѓу другото, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободата на примање и пренесување на информации, исто така, претставуваат основи на демократското општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес без ограничувања со цел да ја информираат јавноста“. Судот констатираше дека новинарите биле оневозможени да ги изразат своите мислења и идеи без страв, на начин што од страна на државата е пропуштено да ја исполни својата позитивна обврска, да ги заштити новинарите и да им овозможи да ја информираат јавноста за настаните во Собранието, со што е сторена повреда на правото на јавно изразување.
Во контекст на заштита на новинарите за настаните од 27 април 2017 година, значајна е и Одлуката У.бр.26.2023 од 7 февруари 2024 година, со која Судот констатираше повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на барателот Горан Трпеноски, новинар вработен во дигиталната редакција sdk.mk Оваа одлука е значајна по тоа што за прв пат Уставниот суд се произнесе во однос на статусот на дигиталните медиуми изразувајќи став дека објавувањето на вести и коментари на интернет-портал, е исто така, новинарска активност, така што гаранциите за слободата на изразувањето и обврските на државата да овозможи заштита на безбедноста на новинарите при известувањето, се однесуваат подеднакво за сите новинари. Судот утврди дека редовните судови направиле пропуст со тоа што подносителот не го третирале како новинар и му го одбиле тужбеното барање. Со оваа одлука Уставниот суд даде јасна насока до редовните судови.
Мене лично многу ми е жал што во наведените предмети Судот не се охрабри и да ги поништи одлуките на редовните судови со кои биле сторени повредите, но тоа е сосема друга тема!, рече Костадиновски.
Сепак, потенцираше дека во последниве години Уставниот суд преку својата судска практика ја афирмира слободата на изразувањето, ѝ дава суштина во облиците во кои се манифестира, ѝ дава уставно-судска заштита.
-Уставниот суд ја потврдува важната улога на медиумите за развојот на демократското општество што создава не само негативна обврска за државата да се воздржува од мешање во медиумските права и слободи, туку создава и позитивна обврска за државата да овозможи демократски амбиент во кој различните мислења ќе може да се изразуваат без страв и без закани и притисоци, додаде тој.