Костал Македонија“ со нова инвестициска фаза вредна 50 милиони евра и нови 250 работни места

Филијалата на германскиот производител на автокомпоненти „Костал“ во земјава влегува во третата инвестициска фаза, што предвидува изградба на капацитети за изработка на специјални автомобилски компоненти, во вредност од околу 50 милиони евра и проектирани до 250 нови вработувања.

Станува збор за технички напреден производен процес, со неопходен соодветен високопрофилиран кадар, поточно изработка на специјални компоненти за електрични автомобили.

Инвестицијата предвидува два проекти – изработка на енергетски модул за полнење електрични возила што ја претвара електричната енергија од неизменична во еднонасочна, инаку технички најсложена и најскапа компонента за автомобили досега произведена во земјава, а другиот проект е изработка на кровни модули што ќе бидат вградувани во сите модели на „Мерцедес“ автомобилите проозведени од наредната година.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со главниот оперативен директор на германскиот концерн за производство на автокомпоненти „Костал“, Ханс Јорг Херман, и директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо.

Вицепремиерот Битиќи со директорите на „Костал“ разговараше за креирањето на добра инвестициска клима која се препознава од новите странски инвеститори што доаѓаат во земјава, при што кажа дека за Северна Македонија претставува голем успех и фактот што постоечките компании одлучуваат да го прошират своето производство и започнат нови инвестициски проекти.

„Со директорите на „Костал“, Херан и Мизо веќе започнавме да ги финализираме деталите за нивниот нов инвестициски потфат кој е во вредност од преку 45 милиони евра и ќе овозможи вработување на нови преку 200 наши сограѓани“, изјави Битиќи.

Тој посочи дека проектот значително ќе го зголеми домашниот извоз, затоа што станува збор за производи со најголема додадена вредност што некоја странска компанија ги произведува тука.

Директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, појасни дека првиот модул за полнење електрични возила ќе биде вградуван во сите автомобили на групацијата „Волксваген“, компонента што ќе се произведува единствено во производствениот капацитет на „Костал“ во Охрид, додека деловите за „Мерцедес“ ќе се произведуваат по производна линија целосно дизајнирана и произведена во земјава.

– Станува збор за нови работни места за кои е потребен технички напреден профил на работници, оттаму и потребата за интензивен тренинг и обука на идните вработени. Тие ќе се обучуваат во капацитетите на „Костал“ во Ирска и Кина, а веќе и тука има тимови што ќе обучуваат идни кадри за ангажман во производствениот процес, рече Мизо.Производствениот капацитет во Охрид за Групацијата „Костал“ е најважна локација во Европа, со најголем потенцијал за натамошен раст и развој. Потврда на тоа е што раководните луѓе на Групацијата од сите делови на светот деновиве се во Охрид, на средба насочена на размена на најнови искуства, информации и добри практики и можности за нивна имплементација во производствениот капацитет во Охрид.

Бенедикт Конрад, извршниот потпретседател за производно инжинерство во „Костал“, посочи дека „Костал Македонија“ иако најмлад член на Групацијата веќе е важен партнер во компанијата на глобално ниво, како во делот на мехатроника, така и во пауертроника.

Главниот оперативен директор на компанијата „Костал“, Ханс Јорг Херман, посочи дека глобално автомобилската индустрија се соочувала, се соочува и ќе продолжи да се соочува со предизвици, но „Костал автомобил електрик“ е компанија која партиципира најмногу во светското производство на електрични автомобили.

– Една од најважните инвестиции во елетричната автомобилска индустрија за нас е проектот тука, каде ќе се произведува модулот за електричните модели на Волксваген. Тоа покажува не само колку веруваме во тимот тука, туку и во земјата политички, така што нема причина да не очекуваме дека тоа ќе биде добра инвестиција, рече Херман

Back to top button
Close