Костова: Фемицидот е пораз на институциите – Не смее да има полициски службеници или кој било друг вклучен во системот на заштита кој ќе се скрие зад бирократски оправдувања

Се случи уште еден фемицид во Велес поради непостапување на институциите, изјави на прес-конференција Кристина Костова – потпретседателка на СДСМ

Kако партија која ги донесе законските измени со кои фемицидот за првпат е препознаен како посебно кривично дело, СДСМ остро реагира на фактот дека и покрај јасните законски одредби, власта не успеа да ја исполни својата најважна задача, да заштити човечки живот.

Законот не е украс на хартија. Тој е правна и институционална обврска. Ако институциите на власта дозволила жена да биде убиена, иако со месеци пријавувала, тоа значи кривична и политичка одговорност.

СДСМ бара оставка од Панче Тошковски и кривична одговорност за секој службеник кој со своето непостапување придонел за да се случи ова злосторство.

Бараме итна и независна истрага за институционалните пропусти.

Не смее да има полициски службеници или кој било друг вклучен во системот на заштита кој ќе се скрие зад бирократски оправдувања. Секој кој не постапил, а имал должност и обврска, мора да сноси последици согласно законот.

Целосна и доследна примена на Националната стратегија за превенција, со обврзувачки протоколи и механизми на одговорност мора да има.

Зголемување на случаите со фемицид во изминатите 15 месеци е особено загрижувачки.

Особено тешко затоа што се случува во време кога владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ не само што не гради институционални механизми за заштита, туку напротив ги брише.

Со последните законски измени, тие ја избришаа категоријата „родово базирано насилство“ од формуларите за пријави на булинг, со што испраќаат порака дека ваквото насилство не постои.

Тоа е директно охрабрување на насилниците уште од најрана возраст.

Животот на секоја жена мора да биде заштитен од страна на државата и институциите.

Држава што не ги штити жените, е држава што ги остава на милост и немилост на насилниците.Тоа мора да престане веднаш.

И во еден ваков контекст, уште потешко е да се гледа како луѓе блиски до власта си дозволуваат да навредуваат и понижуваат жени.

Миленко Неделковски, повеќедецениски мегафон на ДПМНЕ и актуелен извршен директор на ФК Вардар, изрази вербално насилство и изрече навреди кон жена, со што покажа длабоко непочитување кон достоинството на сите жени.

За такви личности немаат место во спортот, треба веднаш да биде разрешен од функцијата директор на најтрофејниот македонски клуб и соодветни санкции.

ДПМНЕ не смее да молчи и да го брани Неделковски. Молкот значи соучество, премолчувањето е охрабрување на насилството.

СДСМ ги поддржува денешните протести на невладините организации и повикува на гласност. Нашата порака е јасна: нулта толеранција кон институционално непостапување и кон говор на омраза.

Back to top button
Close