Костовски: Антикорупциска и Обвинителство да го испитаат случајот со семејната куќа и имотот на Мицкоски

Мартин Костовски, пратеникот од редовите на СДСМ ја повика Антикорупциска да ја испита имотната состојба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Како што истакна тој, очекува Мицкоски да одговори пред јавноста за недвижниот имот на членови на неговото потесно семејство, што објавија дел од медиумите.

„Повеќе медиуми во изминатите неколку денови пренесоа информации дека блиското семејство на Христијан Мицкоски има куќа во Козле. Според нивни проценки, куќата е вредна над 1 милион евра.

Претходно друг медиум, близок до ВМРО-ДПМНЕ, исто така објави информации дека членови од неговото потесно семејство имаат броен недвижен имот на повеќе локации, во Скопје, Охрид и Црна Гора.

Очекуваме Христијан Мицкоски да одговори пред јавноста за овие информации, за куќа на блиско семејство и за информациите за милионскиот имот кои ги објавуваат медиумите.

Дали станува збор за скриен имот и трупање на семејно богатство?

Како со просечни професорски плати се стигнува до милионски имоти во Охрид, Скопје и Црна Гора?,

Јавноста знае за кавгата за тендери во Скопје, знае дека Мицкоски беше директно обвинет од Данела Арсовска за раце во медот.

Исто така јавноста знае дека во тек е истрага за случајот Делчевски ниви, во којшто постои основано сомневање за вмешаност на лица од ВМРО-ДПМНЕ и случајот води директно до Белиот дворец.

Оттука, имајќи ги предвид сите овие информации, повикуваме надлежните институции, Антикорупциската комисија, Обвинителство, по допрен глас, да ги истражат наводите за имотот на Мицкоски и да ја информираат јавноста“, рече Костовски

Back to top button
Close