Костовски по обвинувањата од штедачите: Ниту цент не сум ви чепнал ни украл
На денешното соопштение од оштетените штедачи од сега пропаднатата Еуростандард банка во кое тие ги повикуваат институциите да ги санкционираат одговорните во банката и го прозиваат еден од газдите, Трифун Костовски, да не се, како што велат, правел наивен со реакција се јави прозваниот Костовски. Неговата порака до оштетените штедачи ви ја пренесуваме интегрално.
Почитувани, Немам намера пред вас да се правдам за своите дела. Признавањето на вина е доблест која вие воопшто не ја перципирате како таква. Ваше право е да судите, меѓутоа имајте на ум, јас и моето семејство сме тука и немаме намера да ја напуштиме државата. Во вашите остри напади кон мене и моето семејство не ја разбирам суштината. Јас ви немам чепнато ниту цент од вашите средства во банката, а недај Боже да сум ви ги украл.
Старите велат ОД ЛИСЈАТА НЕ ГИ ГЛЕДАТЕ ДРВЈАТА. Јас говорам за организиран криминал, а вие упорно го вперувате прстот кон мене. Наместо да бидеме обединети против ова зло кое вчера вам и мене ни се случи, а утре ќе се случи на нашите следни поколенија, вие чукате на врата која цело време ви е отворена. Не можам да ве разберам, кон што целите, јас одам по својот пат со вас или без вас.
Ваше е да одлучите. Заеднички да ги натераме институциите кои се занимаваат со разоткривање на организираниот криминал да влезат во вистинска борба со ова општествено зло. Ваше не е да судите колку јас и моето семејство сме изгубиле. Се борам за вашата, ама и мојата правда, вели Трифун Костовски во обраќањето до штедачите