Ковачевски: Ако Данела е пример за добар кадар на ВМРО-ДПМНЕ, замислете што ќе биде ако Гордана е пример за добар претседател
Ако Данела е пример за добар кадар на ВМРО-ДПМНЕ, замислете тогаш што ќе биде ако Гордана е пример за добар претседател на државата – беше една од пораките кои вечерва од скопски Центар, на изборниот митинг на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, ја испрати лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски
Во вечерашното обраќање до центарци, Ковачевски оцени дека по проектот „Скопје 2014“, ВМРО-ДПМНЕ му приредило нова катастрофа на градот во моментот кога градската администрација ја презеде кандидатката што тие ја поддржаа на локалните избори во 2021 година.
Она што се случува во Скопје откако власта ја презема ВМРО-ДПМНЕ е најголема потврда што се случува кога тие се на власт. Ветуваа модерно Скопје, а испорачаа запустено Скопје. Како што ја шетаа нивната кандидатка Данела Арсовска на локалните избори, сега така ја шетаат нивната кандидатка за претседател ширум Македонија. Нема никаква разлика. Ако Данела е пример за добар кадар на ВМРО-ДПМНЕ, замислете што ќе биде ако Гордана е пример за добар претседател на државата. Ние тоа нема да дозволиме да се случи“,
порача Ковачевски од изборниот митинг во скопски Центар.
Нема да дозволиме, продолжи Ковачевски, лагата што помина во Скопје, проследена со хаосот и катастрофата што му се случија на главниот град, да ѝ се случат и на Република Македонија.
„Гледам, вчера Христијан прашува каде сум бил. Пред малку бев во Карпош, сега сум во Центар, вчера бев во Аеродром, пред тоа бев во Кисела Вода, пред тоа бев во Сарај, во Сопиште, во Љубин. Утре сум во Македонски Брод. Јас не ја кандидирав тетка ми Жана за претседател на држава, па да морам да ја шетам по цела Македонија. Јас го кандидирав Стево Пендаровски – човек поддржан од граѓаните, човек поддржан од политички партии, човек поддржан од невладини организации, од лекари, од наставнции, од земјоделци, човек поддржан од работници, човек поддржан од Македонија и за Македонија затоа што Стево Пендаровски е нашиот и ќе продолжи да биде нашиот претседател“,рече, меѓу другото, лидерот на СДСМ од митингот во Центар.
Изборот, додаде Ковачевски, е помеѓу два суштински концепта. Едниот, како што кажа, е избор на надеж со СДСМ, коалицијата за европска иднина и кандидатот Стево Пендаровски, а вториот, додаде, е безнадежност и враќање на зад во минатото со ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова.