Ковачевски – Бербок: Германија стои до Северна Македонија за следниот исчекор во евроинтеграциите

На состанокот, се вели во владиното соопштение, заеднички било нагласено долгогодишното искрено и силно македонско-германско пријателство и партнерство, во 30-те години од воспоставувањето дипломатски односи, што се навршуваат оваа година

Германија стои до Северна Македонија за следниот исчекор во европските интеграции, им порачала германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на премиерот Димитар Ковачевски и на вицепремиeрот за европски прашања Бојан Маричиќ. Бербок на средбата изразила очекување дека ова стратешко прашање за државата и за регионот ќе биде во преден план на сите политички субјекти во земјава, информираат од Владата.

На состанокот, се вели во владиното соопштение, заеднички било нагласено долгогодишното искрено и силно македонско-германско пријателство и партнерство, во 30-те години од воспоставувањето дипломатски односи, што се навршуваат оваа година. Нагласено било и дека е од суштинска важност за севкупниот геополитички контекст, целиот регион да продолжи да се движи на патеката на евроинтеграциите.

„Направивме историски исчекор и ги започнавме преговорите за пристапување во ЕУ, во јули 2022 година, што означи почеток на квалитативно нова фаза во односите со Европската Унија, по 17 години од стекнувањето кандидатски статус и по бројните предизвици на патот кон полноправно членство во ЕУ, со активната поддршка на Германија, којашто особено беше клучна за време на германското претседателство со ЕУ во 2020 година. Денес таа поддршка повторно ја имаме и е од големо значење затоа што Германија ужива голема репутација и длабока почит меѓу нашите граѓани“,рече премиерот Ковачевски, информира Владата.

Тој посочил и на значењето на соработката со Германија на економски план, со оглед дека Германија е прв трговски партнер на Северна Македонија во последните години, петти странски директен инвеститор во земјава, во која работат околу 200 германски компании, дека 45 проценти од вкупниот македонски извоз оди во Германија, како и дека големата македонска дијаспора во Германија е уште еден цврст мост во меѓусебната соработка.

На состанокот била поздравена и 100-процентната усогласеност на надворешната политика на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

 

Back to top button
Close