Ковачевски: Членството во ЕУ се базира на концептот на заслуги, заслужуваме да бидеме европски граѓани
Премиерот Димитар Ковачевски на настан по повод одбележување на Националниот ден на осигурувањето – 1 Ноември рече „Денот на Осигурувањето нека биде поттик за силна порака до сите чинители дека овој финансиски инструмент опстојувал и ќе продолжи да опстојува како силна гаранција и двигател за стимулирање на економскиот и инвестицискиот развој и сигурност. Осигурувањето е важно средство кое обезбедува сигурност при решавање на разните предизвици со кои се среќаваме, при совладување на последиците од климатските непогоди, покривање на потребите за школување, потреба од здравствените услуги и стандарди или обезбедување на спокојни пензионерски денови“.
„Охрабрува фактот што во нашата држава расте интересот за осигурување, а според бројките најголем е интересот за каско осигурувањето, како и за приватното здравствено осигурување, но и за другите видови. Најновите трендови препорачуваат осигурување од одговорност согласно дејноста, но и се наметнува потребата од справување со современите предизвици, како што се ризиците од сајбер нападите. Од друга страна, расте и исплатата од осигурителните компании по разни основи. Само за илустрација, според прелиминарните податоци, во споредба со месец август од минатата година, осигурениците наплатиле 22% повеќе односно 57 милиони денари или над 930 илјади евра. Голем дел од исплатата, се однесува на медицински трошоци“ рече Ковачевски.
– Advertisements –
Порача дека „развивањето на свеста за обезбедување сигурност преку договорите за осигурување е дел и од политиката на ЕУ. Во таа насока, секоја заложба во овој правец е со цел обезбедување економска стабилност, сигурност и благосостојба на граѓаните и компаниите“.
„Сметам дека е навистина од големо значење тоа што денеска зборуваме за тоа како растот на осигурувањето да го трансформираме во долгорочен развој бидејќи само така ќе ги промовираме потенцијалите на оваа област, но и ќе ги презентираме можностите пред овие млади луѓе кои денес се тука со нас. Токму тие и нивната неисцрпна енергија се носителите на нашиот развој и носителите на нашата иднина. Европската иднина е пред нас и преку оваа индустрија. Тоа пред два дена јасно и гласно ни го порача претседателката на Европската комисија, која при нејзината посета порача дека ние заслужуваме да станеме дел од Европската Унија. Затоа, уште еднаш од овде сакам да порачам дека членството во ЕУ се базира на концептот на заслуги. Северна Македонија заслужува да биде дел од ЕУ, а сите ние заслужуваме да бидеме европски граѓани, овде дома тука во нашата држава. Да живееме европски и да се однесуваме европски. Нашите млади луѓе, нашите деца и сите наши граѓани го очекуваат тоа од нас“ рече премиерот.