Ковачевски: Да се разгледа законот за банки во делот на провизии и скриени трошоци

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска ги повика пртениците без исклучок вклучувајќи ги од СДСМ да го разгледаат Законот за банки во делот на провизии и низ една јавна расправа во Собранието да се утврди дали може да се направи интервенција во однос на висината на апсолутниот износ на профитот на банките што доаѓа од некаматни приходи. Ковачевски од собраниската говорница кажа и дека се во подготовка измени на Законот за финансиски друштва.

Ова тој го истакна одговарајќи на пратеничко прашање на Димитар Апасиев од Левица кој зборуваше за затезните банкарски камати и провизии обвинувајќи за лихварство. Според него, овие скриени трошоци се најчесто за административни трошоци, провизии за аплицирање, провизии за преддоговор и надоместоци за обработка на кредит.

Апасиев рече дека банкарите се оставени без никаков надзор и за една година им е зголемен профитот.

-Стопанска банка АД Скопје за 16 милиони евра го зголемила профитот само по основ на провизии, а Комерцијална банка над 16 милиони, рече Апасиев прашувајќи дали НБРМ планира да им забрани на банките плаќање на провизии и до премиерот Димитар Ковачевски дали Владата планира да ја намали казнената камата.

Вицегувернерот на Народната банка Фадил Бајрами изјави дека централната банка работи согласно законите што се во сила.

-Ако има иницијативи за измени на овие закони може да се предвидат измени во таа насока. Во цел свет банките се приватни и имаат свои тарифи и постапки. Пред неколку месеци Собранието го донесе законот за систем за исплати и им даде можност на други финансиски институции банкарски и небанкарски, и кога ќе влезат во конкуретност тоа ќе влијае да се намалат провизиите, рече Бајрами.

Back to top button
Close