Ковачевски: Да се свртиме кон повикот да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски со писмо до Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија Архиепископ охридски и македонски Г.Г. Стефан, до Синодот на МПЦ-ОА, како и со видеообраќање до свештенството и монаштвото, до сите православни верници во нашата земја, го честиташе големиот празник Воскресение Христово – Велигден.

Во продолжение, ви ја пренесуваме содржината од писмото со честитки на премиерот Ковачевски по повод Велигден во целост:

„Во мое лично име и во името на Владата на Република Северна Македонија, на сите православни верници во нашата земја им го честитам празникот Воскресение Христово – Велигден.

Оваа година најголемиот празник во календарот на православните верници го одбележуваме во време кога целиот свет поминува низ глобална економска криза и низ тешките предизвици како што е војната во Украина со сите последици од неа.

Велигден е празник на спасението. Го означува крајот на Христовите страдања и со кој се слави победата над смртта. Нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност како одговорни чинители на нашата заедница да понесеме саможртва за доброто на сите, заштитувајќи се себеси и здравјето на блиските.

Во овие драматични мигови за нашето современие, Велигденските денови се можност да се свртиме кон повикот да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг.

Велигден е и празник на надежта и верувам дека од празникот со кој го славиме спасението сите ќе излеземе посилни и подобри.

Со таа надеж за подобри денови, да бидеме исполнети со хармонија и прошка, мир и просперитет, без поделби и конфликти.

Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје и духовна сила!

Нека е честит големиот христијански празник – Велигден!

Христос воскресна! Навистина воскресна!“

Back to top button
Close