Ковачевски – Дефа: Поддршка во економскиот напредок на Северна Македонија

Фокусирани сме на решавање на енергетската ситуација, како и на социјалниот дијалог, преку којшто ја покачивме минималната плата на 18.000 денари, а сега работиме и на планираното зголемување на пензиите, порача премиерот Димитар Ковачевски на денешната средба во Скопје со д-р Валтер Дефа, специјален советник за економски политики на премиерот, номиниран од Канцеларијата на германскиот канцелар, на која беше присутна и амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн.

На состанокот, информираат од владината прес-служба, е посочена големата и искрена поддршка од Германија на евроинтеграциските и на развојните процеси на нашата држава, коишто продолжуваат со цел напредок на Северна Македонија. Споделен е впечатокот дека Владата има поставено цели и знае што сака да постигне на економски план и во таа насока се разменети мислења околу унапредувањето на имплементацијата на проектите.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото пријателство со Германија, кое што го оцени како значајно, како на полето на интеграциите, така и во областа на економијата.

– За нас како Влада е од клучно значење унапредување на животниот стандард на граѓаните. Развојот на економија се постигнува преку инвестициите и иновациите и исто така продолжуваме со структурните реформи и со посветеноста кон нивна ефикасна имплементација, рече премиерот Ковачевски.

На средбата на премиерот Ковачевски и германскиот советник Дефа е договорена интензивна комуникација и средби на коишто ќе се разгледуваат мерливи резултати од предвидените динамични активности.

Back to top button
Close