Ковачевски – Докрти: Силна поддршка од Обединетото Кралство за натамошен напредок на Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со министерот за Европа на Обединетото Кралство Лео Докрти на која е потврдено искреното пријателство и силна поддршка за политиките за развој на државата, во реализацијата на реформските процеси.

Исто така, на средбата е оценето дека членството во НАТО е важен чекор напред во развојот на нашата држава и е нагласено значењето на партнерството во рамки на Алијансата помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.

-Потврдено е големото, искрено и долгогодишно пријателство помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кое што од независноста на државата до денес придонесува во развојот на демократските процеси на нашата земја, соопштија од Владата.

Во таа насока разговарано е за продлабочување на соработката во областа на одбраната, спроведувањето на институционалните реформи, како и во енергетиката.Премиерот Ковачевски изразил благодарност до министерот за Европа, Докрти, за тоа што Северна Македонија и Западен Балкан се меѓу приоритетите на Обединетото Кралство во надворешната политика, а е од големо значење за стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Ковачевски нагласил дека Балканот мора да биде поврзан и дел од Европската Унија и дека е сега моментот за исчекор и влез на Република Северна Македонија во Европската Унија. Тој посочи и на важноста од поддршката на Обединетото Кралство во развојот на парламентарната демократија во земјава, образованието и како значаен трговски партнер на земјава.

На состанокот беше разговарано и за надминувањето на предизвиците од економско-енергетската криза од светски рамки, како и за други актуелни прашања од значење за нашата држава и регионот.

Back to top button
Close