Ковачевски: Домашните компании со квалитетни производи се најдобриот меѓународен промотор на држава

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска го посетија производствениот погон на фабриката за полиетиленски и полипропиленски цевки и црева, Конти Хидропласт во Општина Гевгелија.

-Компанијата Конти Хидропласт во својата речиси 50-годишна традиција на постоење, од примарно мало производство, до денес се развила во модерна фабрика лидер, извозно ориентирана со 95 проценти производство што завршува на странските пазари. Како што бев информиран од страна на менаџерскиот тим на оваа компанија, нивната главна мисија е да ги следат и да ги имплементираат најновите производствени технологии и стандарди со кои ја збогатуваат понудата на квалитетни производи, но и креираат општествено одговорни политики во делот на заштитата на животната средина и заштитата на здравјето на вработените, изјави Ковачевски.
Премиерот посочи дека во остварувањето на овие цели компаниите не се сами, добиваат силна поддршка од Владата со крајна цел, како што вели да имаме економски развиена земја, со добро платени и задоволни работници, но и препознатливи производи не само на домашниот, туку и на странските пазари.
-Фабриката Конти Хидропласт во 2019 година доби помош од државата за инвестиции, во висина од над 313 милиони денари а реализирале двојно повеќе за три години, односно инвестирале 529 милиони денари. Оваа инвестиција е со петгодишен договор и се реализира според Законот за финансиска поддршка за компаниите, додаде премиерот Ковачевски.
Порача дека во оваа енергетска криза, Владата е силно фокусирана граѓаните да имаат достапна храна, да имаат струја и компаниите да можат непречено да работат.

-Продолжуваме со грижата за секого. Со започнатиот европски пат кој не води до полноправно членство во ЕУ и со политики кои обезбедуваат стабилност и прогрес, но и подобра иднина за сегашните и идните генерации, заклучи Ковачевски и посака успешен развој на компанијата Конти Хидропласт, бидејќи како што вели, компаниите со квалитетни производи, произведени во нашите фабрики а извезени во странство се најдобриот меѓународен промотор на држава.

Back to top button
Close