Ковачевски:ДУИ како партија ќе одлучи дали ќе го поддржи нашиот кандидат или, пак, ќе предложи свој.
СДСМ ќе има претседателски кандидат и ги повикуваме сите прогресивни политички партии, поединци, невладини организации да го поддржат тој кандидат и да ни се приклучат во коалиција. Ова денеска го изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на панел-дискусија со студенти на тема „На студентско столче: Перспективи за политики, напредок и промена“, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има консензуален кандидат со ДУИ и дали разговарал со Али Ахмети на оваа тема, покрај најавите дека и тој самиот размислува да се кандидира.
„Нашиот кандидат за претседател и сега и во минатото, како и нашите влади, покажале дека со нас има европска Македонија, има Македонија во полноправно членство во НАТО. Со другите нема, а тоа се покажало 11 години и четири пред тоа, ниту има ЕУ ниту има НАТО. Тие што сметаа дека треба да настапат со свој кандидати тоа е нивно прав“,вели тој.
Според Ковачевски, СДСМ својот претседателски кандидат ќе го обзнани на крајот на овој месец или на почетокот на идниот месец.
„Овој период работиме на финализирање на програмата за изборите и на дефинирање на деталите во однос на изборниот настап како во партијата така и со коалицискиот партнер“,вели лидерот на СДСМ.
Сепак, најави дека претседателскиот кандидат што ќе го предложат ќе биде поддржан и од коалициските партнери.
„Колку претседателски кандидати ќе има во државата зависи од пристапот на политичките партии. Јас нема да се мешам во тоа дали некоја политичка партија ќе кандидира претседателски кандидат или не, дали некој поединец ќе се кандидира. Ние сме демократско општество, секоја политичка партија има право да кандидира за секоја функција кандидат“,рече тој.
Ковачевски рече дека нивниот кандидат ќе биде поддржан од прогресивните политички партии кои, како што рече, биле со нив во коалиција, кои се со нив во коалиција и кои ќе бидат на идните избори со нив во коалиција, а со кои веќе отпочнуваат разговори во однос на конкретното настапување на изборите.
Според лидерот на СДСМ, ДУИ како партија ќе одлучи дали ќе го поддржи нивниот кандидат или, пак, ќе предложи свој.
„ДУИ има опција или да го поддржи нашиот претседателски кандидат или да кандидира свој претседателски кандидат, но тоа е одлука на нивната партија. Не е наша одлука“,рече Ковачевски.
Вели дека со Али Ахмети се немаат видено во последните денови, но сигурно дека ќе се сретнат во блиска иднина, но сепак посочи дека партиите се тие кои одлучуваат за својот настап на изборите.
На прашањето за најавите на Ахмети да биде претседателски кандидат, Ковачевски ги упати новинарите одговорот да го побараат во ДУИ.
„Дали ќе се кандидира и кој ќе биде кандидат на ДУИ, тоа ќе мора нив да ги прашате. Јас немам информации“вели тој.