Ковачевски: Економско енергетските политики на владата даваат резултат

 Економско енергетските политики на Владата даваат резултат. Сите мерки беа насочени кон задржување на ценовната стабилност кај електричната енергија, а ефектите се сигурна и стабилна испорака на електрична енергија до сите во државата, истакна премиерот Димитар Ковачевски за време на денешната посета на РЕК Битола.

На прес-конференција во комбинатот, премиерот Ковачевски истакна дека после децении, денес сите производствени капацитети за производство на електрична енергија се во функција и работат. Тоа значи трите блока на РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, електраните на гас во Скопје, како и сите агрегати на хидроелектраните во државна сопственост, работаат.

-РЕК Битола работи со полн капацитет, со сите три блока. Монтажата на новиот трансформатор што го изработи турската компанија „Астор” заврши успешно. Пуштен во употреба е и третиот блок на РЕК Битола и тој испорачува електрична енергија. Ова е голем и значаен придонес во зголемувањето на домашното производство на електрична енергија. Ветивме поголемо производство на домашна електрична енергија за да ги заштитиме граѓаните и фирмите од енормно високите цени на струјата што ги наметна светската криза предизвикана од војната во Украина, и сите може да се уверат дека резултатите доаѓаат кога се работи одговорно и чесно, и кога се работи посветено, нагласи претседателот на македонската Влада Димитар Ковачевски.

 

Во изјава за медиумите премиерот потсети дека придобивките од Блок-3 во РЕК Битола се повеќекратни затоа што покрај зголеменото домашно производство на електрична енергија, придонесува и во зголемувањето на доверливоста и во стабилноста на електроенергетскиот систем во државата, и дава можност да се прават редовни годишни ремонти на сите три блока во овој комбинат.

-Трансформаторот што беше оштетен во ноември 2021 година се наоѓа на репарација во специјализирана фабрика во Србија и откако ќе биде поправен ќе служи како резерва за блоковите. Важно е граѓаните да ги знаат овие информации бидејќи во најголем дел АД ЕСМ ја обезбедува електричната енергија  од РЕК Битола. А, АД ЕСМ обезбедува струја 100 проценти за домаќинствата во нашата држава, обезбедува евтина струја за училиштата, за прехранбената индустрија, за месната индустрија, јавните комунални претпријатија, болниците…согласно одлуките и политиките што ги носи владата.Затоа граѓаните може да бидат спокојни. 99, 2 проценти од домаќинствата немаат зголемени цени на електрична енергија и како и досега електричната енергија во државата ќе има без рестрикции во една од најпредизвикувачките зими за светот. Намалена е и цената на струјата за 20 проценти за околу 70.000 мали фирми кои се на регулираниот пазар, што значи дека македонската економија е заштитена, а во овие фирми работаат 98 проценти од работниците во државата, рече Ковачевски.

 

Според министерот Крешник Бектеши, паднаа во вода обвинувањата на некои политичари дека нема шанси да се стават сите капацитети во функција, како и дека ќе нема поскапување на струјата повеќе од 50 насто.

-Со деноноќно работење и доверба, за неполна година заеднички со премиерот успеавме да се справиме со енергетската криза. Првпат во земјава сите државни капацитети се вклучени и тоа е голем резултат не само на Владата, туку и на вработените во ЕСМ. Со ова паѓаат во вода сите тврдења на некои политичари, меѓи кои има и електроинженери кои не успеале ова да го направат, а овој тим успеа, потенцира Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски најави дека во 2023 година ќе има зголемено производство на домашна електрична енергија.

-Сите капацитети вклучени на мрежа дневното производство се приближува на 20 000 мегават часови. Овој тренд на зголемување е приближно на производството во најдобрите времиња на РЕК Битола и ЕСМ и кога постројките беа понови. Со ваквото дневно производство го задоволуваме потребниот конзум за сите. Очекуваме во 2023 година да произведиме 20 проценти повеќе електрична енергија од минатата година, а тоа ќе значи сите што ги снабдуваме со електрична енергија ќе имаат електрична енергија и цената на струјата нема да се зголемува, рече директорот на АД ЕСМ.

Во улога на домаќин, директорот на РЕК Битола Пеце Матевски информираше за работата на комбинатот, а настанот го следеа и студенти од Факултетот за електроника и информациски технологии од Скопје.

Back to top button
Close