Ковачевски: Груевски очигледно се уште му дава наредби на Мицкоски

Најавената блокада на Собранието е неодговорно однесување кое што не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за најавената блокада на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Ова е едно неодговорно однесување кое што не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави, а тоа е Никола Груевски кој очигледно дека се уште му дава наредби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да прави вакви чекори. Собранието на државата треба да биде место каде што се унапредуваат законите, каде што се носат решенија за справување особено со кризава која што ја имаме во државата, а која што е резултат на војната која што се води во Украина и блокирање на Собранието е најлошото нешто што може некој политичар да го направи во овој момент, нагласи Ковачевски.  

Блокирањето на Собранието, додаде тој, не е нешто што ВМРО-ДПМНЕ сега го најавува и го прави, бидејќи ако ги погледнете законите коишто се заглавени во Собранието токму на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, а не се работи за еден, два, три, 10, 15, 20, туку се работи за многу повеќе закони, тогаш ќе знаете дека тоа е однесување кое што во континуитет го отсликува однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ.  

– Ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на својата задача, бидејќи блокирањето на Собранието не значи ништо друго, освен блокирање на она што треба да се направи за граѓаните на државата. Втора работа која што исто така е многу важна, јас ги гледам денешните написи воопшто не доликува на демократска партија да одбројува денови, денес било петти ден, па четврти ден и да се служи со уцени и да се служи со закани затоа што јас потврдив во изминатите скоро четири месеци дека ниту на уцени, ниту на закани не подлегнувам, туку сум човек којшто води отворен дијалог со сите заинтересирани страни во општеството, истакна премиерот.

Back to top button
Close