Ковачевски и Петков најавуваат интензивирање на разговорите за отворените прашања

Според владиното соопштение, Ковачевски и Петков се согласиле дека нашата интеграција во ЕУ е фактор и за општата безбедности сигурност во регионот на Западен Балкан

Премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, за периодот кој следува најавија интензивирање на соработката и дијалогот и за отворените прашања за кои треба да се најдат решенија на политичко ниво, соопштија од Владата.

Најавата следува по средбата на македонската и бугарската делегација што се одржа на маргините на Минхенската безбедносна конференција.

„За двете земји и за граѓаните од најголема придобивка е што поскоро да се дојде до квалитетни решенија поддржани и прифатени од двете страни. Како сојузници во НАТО, премиерите Ковачевски и Петков споделија дека од посебно значење е и безбедносната состојба во регионот на Западен Балкан и Европа и се согласија дека и интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ е фактор за општата безбедност и сигурност“,велат од Владата по средбата.

Исто така, на средбата тие рекле и дека се задоволни од напредокот на билатералната соработка преку работните групи кои беа формирани по изборот на новите влади во Скопје и Софија.

На состанокот присуствувале и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата, Бујар Османи.

На маргините на безбедносната конференција во Минхен, Ковачевски претходно имаше средба и со премиерите на Грција и Косово, Киријакос Мицотакис и Албин Курти, а разговараше и со американскиот сенатор од Демократската партија, Крис Марфи.

Back to top button
Close