Ковачевски: Кажав ДА, затоа што мислам дека овој единствен, европски предлог е најдобро можно решение во моментов

Кажав ДА, затоа што мислам дека овој единствен, европски предлог е најдобро можно решение во моментов, но и во следниот период. Предлог кој ги задржува црвените линии и во исто време дава конечно почеток на преговори, кажа премиерот Ковачевски пред пратениците во Собранието, говорејќи за преговарачката рамка. Неговиот говор беше саботиран од опозицијата која со вувузели без прекин свиреше и не дозволија да се слушне што зборува премиерот.

 

Но, од владиниот кабинет го испратија интегралниот текст кој го пренесуваме во целост.

 

Почитувани граѓани,

Денес присуствуваме на исклучително значајна седница на Собранието. Иако многу пати во нашата историја, политичарите честопати ја доделуваат придавката „историска“, сепак, тоа сосема објективно ќе го сторам и јас, и ќе додадам -денес започнуваме историска седница.

Историска седница, затоа што денес и во следните денови, одлучуваме за неколку фундаменти на нашата држава. И за подобра иднина, и за стабилна сегашност, но и за заштита и почитување на минатото.

На самиот почеток, дозволете во мое лично име и во името на целата Влада присутна денес, да се заблагодарам за присуството, поддршката и признавањето на важноста на процесот, од страна на Претседателката на Европската Комисија, г-ѓата Фон дер Лејен. Нејзината, вашата лична и институционална вклученост и посветеност на нашата европска интеграција, значат многу за нашите граѓани и за нашата држава. Искрено благодарам за тоа.

Почитувани пратеници,

Причината зошто денес дебатираме е единствениот предлог на Европската Комисија, доставен на крајот на француското претседателство, за дефинирање на почетокот на преговори со Европската Унија.

Затоа на почетокот сакам, јасно и прецизно да потенцирам неколку факти.

Прво, точно е дека пред самитот на ЕУ во Брисел, добивме сет на идеи, а не официјален и формален предлог. За мене, за Владата и коалиционите партнери, за Претседателот на државата и убеден сум за сите граѓани на државата, тој концепт не беше прифатлив. И затоа, таму каде што треба, не под маса, не во ходник, не тивко, туку пред сите 27 лидери на членките на Унијата и пред целата европска јавност, кажав гласно, прецизно и јасно НЕ.

Кажав НЕ, затоа што тој сет на идеи не беше во согласност со нашите консензуално дефинирани државни позиции потврдени тука во Собранието, со посебната Резолуција за црвените линии. Кажав НЕ, затоа што тој сет на идеи не го гарантираше статусот на македонскиот јазик во преговорите. Кажав НЕ, затоа што тој сет на идеи не дефинираше јасен почеток на преговори и упатуваше на промена на Уставот и затварање на билатералните прашања со источниот сосед, како предуслови.

Кратко и јасно, кажав НЕ, затоа што таа основа не беше добра за македонската држава. И покажавме како се бранат државните и националните интереси.

И многу важно, ние тука не застанавме. Не се предадовме. Не одлучивме да глумиме лажни патриоти. Напротив, продолживме да бараме решение кое ќе ги задоволи државните, но и националните интереси на македонскиот народ. На истите црвени линии, но и на истата обврска да започнеме преговори.

Back to top button
Close