Ковачевски му порачал на Борисов дека очекува ГЕРБ и како опозиција да ја поддржи евроинтеграцијата на С Македонија

Борисов пак, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, потенцирал дека треба да се искористи покренатиот процес за надминување на разликите за да се врати довербата како придонес кон европските интеграции на Северна Македонија

 

Премиерот Димитар Ковачевски, за време на официјална посета на Република Бугарија се сретна и со Бојко Борисов и раководството на партијата ГЕРБ.

На средбата, на која присуствуваа и Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење, Бујар Османи, министер за надворешни работи, и Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерка за култура, премиерот Ковачевски истакнал дека Северна Македонија и Бугарија започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на секторската соработка, соопштија од владината прес-служба.

Ковачевски, исто така, нагласил дека Владата е подготвена за видливи и мерливи резултати од реалниот интерес на граѓаните кои се фокусираат на враќање на довербата меѓу двата народи за да се реафирмираат пријателските односи и да се поттикне политичкиот дијалог за решавање на чувствителните прашања што се отворија меѓу двете земји.

Претседателот на Владата Ковачевски на средбата со претседателот на ГЕРБ Бојко Борисов истакнал дека очекува оваа партија, иако сега во опозиција, да продолжи со политиките за поддршка на Северна Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ.

Претседателот на ГЕРБ Борисов пак, како што се наведува во соопштението, потенцирал дека треба да се искористи покренатиот процес за надминување на разликите за да се врати довербата како придонес кон европските интеграции на Северна Македонија.

Back to top button
Close