Ковачевски најави средба со ректорот на УКИМ за рангирањето на Шангајската листа  

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера ја критикуваше Владата за рангирањето на Шангајската листа. На прес-конференција на која реагираа зошто студенти сè уште посетуваат онлајн настава, од партијата го наведоа рангирањето како еден од доказите дека се водат катастрофални образовни политики.

Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со рангирањето на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје (УКИМ) на 1 944. место од вкупно 2 000 на Шангајската листа, најави дека ќе се сретне со ректорот Никола Јанкуловски, за да се види што може да направи државата, а што универзитетите сами.

 

„Сите универзитети се евалуираат врз основа на стандардите на независното тело за оценување на универзитетите. Универзитетите во нашата држава се независни во спроведувањето на своите образовни и истражувачки политики и секако дека од критериумите врз основа на кои се прави оценувањето и од тоа што имаат сите универзитети поединечно направено зависи и рангирањето на самата Шангајска листа. Во однос на тоа дали државата може да помогне, да државата може да помогне, јас доаѓам од академската сфера и секако ќе одржам состанок со ректорот на УКИМ, со кого подолго време се познаваме за да можеме да видиме што е тоа што може да направи, а што е тоа што самите универзитети може да направат во однос на унапредувањето на работењето, истражувањето и секако искачувањето на Шангајската листа -рече Ковачевски.

Дополнително, според премиерот, треба да се работи на тоа на нашите универзитети да се привлечат странски студенти.

„Да станат место во кое ќе се образуваат не само студенти од Република Северна Македонија туку и студенти од странство бидејќи трендот во високото образование е глобализирање на високото образование. Вие гледате дека голем број на наши талентирани студенти одат насекаде во светот и секако дека напорот на нашата држава и на сите вклучени во образованието треба да биде да и странски студенти доаѓаат и се школуваат во универзитетите во нашата држава -рече Ковачевски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера ја критикуваше токму Владата за рангирањето на Шангајската листа. На прес-конференција на која критикуваа што студенти сè уште посетуваат онлајн настава, од партијата го наведоа рангирањето како еден од доказите дека се водат катастрофални образовни политики.

„Потврда дека образованието е на последно место на приоритети на оваа влада видовме и на Шангајската листа каде УКИМ се најде на 1 944 место, што е пад за 27 места споредено со минатата година. УКИМ е на листата зад Белград, кој е во првите 500 универзитети, зад Загреб, Љубљана и многубројни други факултети од регионот. Што се случува, има ли УКИМ воопшто ректор и ќе понесе ли некој одговорност? Образованието е столб на државата и образованието е тоа кое обезбедува просперитет. За жал, на оваа влада на СДСМ И ДУИ тоа ништо не им значи, низата на лоши политики во образованието никако да запре -рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Според рангирањето на Шангајската листа за 2021 година УКИМ се најде на 1 944.. место, додека една година претходно беше на 1 917., а во 2019 година скопскиот универзитет 1 816..

 

 

Back to top button
Close