Ковачевски на онлајн состанок со Рама и Вучиќ: Нашата соработка е конкретна, за силен економски регион подготвен за членство во ЕУ

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска имаше онлајн состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија, Еди Рама посветен на интензивирање на соработката за заедничко надминување на потешкотиите околу снабдувањето со храна и енергија, како и за заедничко справување со можни пожари во трите земји летово, соопшти владината прес-служба.

„Лидерите договорија и создавање мешани меѓуресорски работни групи по кризните теми и со цел создавање заедничка агенција за привлекување странски инвестиции на Отворен Балкан“ се наведува во соопштението.

На почетокот на состанокот,како што соопштија од Владата, премиерот Ковачевски се заблагодарил за отворената поддршка која претседателот Вучиќ и премиерот Рама ја изразија во врска со модифицираниот европски предлог, информирајќи дека предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со Европската Унија, претставена од Француското претседателство со ЕУ, Владата ја проследи до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија.

 

„Рама и Вучиќ, одделно ја повторија поддршката кон преземените активности на премиерот Ковачевски, односно отворањето на широки консултации со општествените чинители во државата, посочувајќи дека европската иднина на регионот е единствената добра опција за граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија“  соопштија од Владата.

Од Владата додаваат и дека на состанокот била истакната важноста на преземените активности за искористување на регионалната поврзаност и овозможување на слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги, што веќе дава економски бенефити за сите граѓани.

 

„На состанокот, лидерите констатираа дека одлично тече подготовката на големиот саем на вино, храна и туризам во Србија, на кој винариите и производителите од трите држави ќе имаат можност да ги презентираат нивните производи на гости од регионот и Европа“ велат од Владата.

На состанокот, присуствуваа и вицепремиерите за европски прашања и економски прашања Маричиќ и Битиќи, националниот координатор за Отворен Балкан, Марјан Забрчанец, директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.

Back to top button
Close