Ковачевски на средба со италијанскиот премиер: Проширувањето на ЕУ треба да се гледа и како клучно безбедносно прашање

Посетата на Рим по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, премиерот Димитар Ковачевски ја искористи и за средба со италијанскиот колега Марио Драги со кого разговарале и за проширувањето на ЕУ. Унијата, било потенцирано на средбата, треба да го препознае моментот и да гледа на ова и како клучно безбедносно прашање.

Премиерите Ковачевски и Драги изразија согласност дека проширувањето на ЕУ треба да се разгледува од геополитички аспект, како безбедносно прашање клучно за стабилноста и просперитетот на нашиот регион и на Европа. Беше потенцирано дека ЕУ треба да го препознае моментот и да го има предвид и фактот дека Северна Македонија ја осуди војната во Украина и целосно ја усогласи својата со надворешната политика на ЕУ, како вистински и кредибилни партнери, споделувајќи ги истите вредности на слободен и демократски свет – соопштија од Владата по средбата.

Ковачевски го потенцирал и тоа што Италија важи за гласен промотор на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан за што минатата година италијанскиот парламент усвои и резолуција за европската перспектива на регионот со која беше испратен повик за итно одржувањето на првите меѓувладини конференција за Северна Македонија и Албанија.

Двајцата премиери разговарале и за билатералните односи на Италија и Северна Македонија кои ги оцениле како исклучително блиски, но и истакнале дека гледаат потенцијал за уште поголемо унапредување на економската соработка.

„Италија, беше речено на средбата, е меѓу 10-те топ рангирани земји со кои Северна Македонија има најголем обем на билатерална трговија и дека од посебна важност за унапредување на економските односи е Коридорот 8 со кој преку пристаништата на Албанија ќе се овозможи директен пристап до италијанскиот пазар -велат од Владата.

На средбата, Драги добил и покана од Ковачевски да ја посети Северна Македонија.

Во друштво на премиерот на состанокот присуствувале и министрите кои се дел од делегацијата што отпатува во Рим: шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Претходно денеска, Ковачевски и делегацијата учествуваа на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим.

Мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме и која ни посочува да бидеме свртени кон иднината во која заедничките допирни точки не нè делат, туку напротив нè поврзуваат. Нивната просветителска мисија има посебно место во историјата на македонската држава. Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека Република Северна Македонија го чува и го негува делото на светите браќа, заедно со сите други народи. Со сите народи коишто ја препознаваат и слават нивната цивилизациска мисија со достоинство и чест. Оваа вредност, и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира за дијалог и меѓусебно разбирање -рече Ковачевски во изјавата за медиумите.

Back to top button
Close