Ковачевски на средба со рабин Ендру Бејкер: Северна Македонија секогаш била на вистинската страна, никогаш повеќе антисемитизам и фашизам


Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, се сретна со претседавачот на американскиот Еврејски Конгрес рабин Ендру Бејкер, како и со претставникот на Еврејската заедница во Германија Стефан Крамер и со поранешниот амбасадор на САД во Германија Џејмс Бинденагел.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, биле разменети впечатоци од одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, кое се одржа под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на Холокаустот на македонските Евреи.

Премиерот Ковачевски изразил силна осуда на антисемитизмот, расизмот, ксенофобијата и фашизмот и додал дека нашата држава секогаш била и ќе остане на вистинската страна на историјата. Република Северна Македонија, рече премиерот Ковачевски, ќе продолжи да се спротивставува на сите различни форми на говор на омраза и нетолеранција и порача, мрачните злосторства врз Евреите од Македонија, во логорот во Треблинка никогаш да не се повторат.

Во таа насока, премиерот потенцирал дека во претстојниот период, во рамките на дебата за уставните измени, ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот на Република Северна Македонија, што се надева дека ќе биде прифатено од сите политички субјекти во земјата.

Претседавачот на Американскиот Еврејски Конгрес, рабинот Ендру Бејкер изразил благодарност на организацијата на серијата настани поврзани со одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка.

Поздравувајќи ја политиката на дијалог и разбирање, која ја практикува Република Северна Македонија, рабинот Бејкер нагласил дека биле потребни децении за демократските држави од Западна Европа да ја признаат сопствената улога во Холокаустот, а денес, оние кои ја искривуваат историјата на Холокаустот, тоа го прават свесно, за политички цели.

Back to top button
Close