Ковачевски: Најважно беше финансиски да ги заштитиме најзагрозените граѓани од кризата
За мене беше најважно да ги заштитиме финансиски најзагрозените граѓани, пензионерите со мали пензии, самохраните родители, социјалните случаи, другите ранливи категории граѓани, а од друга страна да се заштити и достоинството на работниците. Тоа е основата на социјалдемократијата која Куманово многу добро ја познава, порача вечерва претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на трибината „Силно и одлучно кон иднината” што се одржа во Куманово.
Граѓаните мора да го добијат она што го имаат европјаните и ништо помалку. Тоа е мојата задача, тоа е нашата заедничка цел. Во изминатите 10 месеци успеавме да ги совладаме предизвиците наметнати од глобалната економска и енергетска криза и да ја спасиме македонската економија. Ги паметиме сите тие драматични вести на почетокот на годината кога изби најголемиот геостратешки конфликт во светот по Втората светска војна, рече Ковачевски.
Пред да се донесат антикризните мерки, со мојот тим деноноќно имав консултации во кои беа вклучени експерти, работодавци, здруженија, претставници на стопанските комори во земјата. Ја спасивме македонската економија со мерките кои ги донесовме во текот на 2022 година, а вкупниот пакет на антикризни мерки изнесува досега 760 милиони евра. Најголем пакет во целиот регион. Пари од граѓаните за граѓаните. Обезбедивме доволно храна, струја, нафта, греење, никој не е оставен сам, посочи Ковачевски.
Тој истакна дека очекува и намалување на цените на основните производи за десет проценти.
Антикризните мерки даваат резултат, но имаме уште работа. Децата мора да одат в училиште, мора да имаат греење, мора да има електрична енергија за да функционираат градинките, училиштата. Мора да функционираат и болниците, здравствените работници да имаат услови за работа и да се грижат за здравјето на пациентите. Затоа на регулираниот пазар на струја овозможивме да се вклучат јавни здравствени установи, како и 365 основни и 109 средни училишта, вкупно 518 субјекти, додаде Ковачевски.
Потсети дека покрај субвенционирањето на цената на струјата, обезбедена и дополнителна финансиска помош за електрична енергија за семејствата со ниски примања.
Продолжува и програмата за енергетска сиромаштија со која парично и директно помагаме 4.000 семејства и им обезбедуваме намалени сметки за потрошената електрична енергија. Со оваа мерка, секое семејство е помогнато со скоро 200 евра во текот на годината, истакна Ковачевски