Ковачевски-Нехамер: Австрија е силен економски партнер и поддржувач на евроинтергарцијата на Северна Македонија
Северна Македонија и Австрија имаат одлична политичка, економска и безбедносна соработка, истакнаа на заедничката прес-конференција во Виена премиерот Димитар Ковачевски и австрискиот канцелар Карл Нехамер.
Ковачевски, кој е во дводневната работна посета на Австрија, претходно имаше тет-а-тет средба со Нехамер.
Двајцата соговорници размениле ставови и информации за актуелните состојби и предизвици со кои се соочуваат европските земји, како и последиците од економско-енергетската криза.
Премиерот Ковачевски, го запознал австрискиот канцелар со актуелните внатрешно политички случувања во Северна Македонија, изразил задоволство од тоа како тече скрининг процесот и реформскиот процес во земјата.
Ковачевски му се заблагодарил на Нехамер за севкупната поддршка од Австрија за процесот на пристапните преговори, како и за силната поддршка која ја добива Северна Македонија како на економски така и на безбедносен план. Австрија е силен и гласен поддржувач, партнер и застапник за европската интеграција на Северна Македонија, и на земјите од Западниот Балкан, било нагласено на средбата.